| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов ги додели сертификатите на учесниците на деветтата Школа за млади лидери

Пред младите лидери Иванов порача дека школата има за цел да ја поттикне самодовербата кај младите луѓе, кои никој пат не треба да се откажуваат од тоа што го наумиле и никој пат не треба да се сомневаат во себе

Претседателот Ѓорге Иванов вчеравечер во Струга ги додели сертификатите на учесниците на Школата за млади лидери, што на негова иницијатива се одржа во деветти пат, од 20 до 31 август.

Пред младите лидери Иванов порача дека школата има за цел да ја поттикне самодовербата кај младите луѓе, кои никој пат не треба да се откажуваат од тоа што го наумиле и никој пат не треба да се сомневаат во себе.

– Ова ви е можност да не повторувате туѓи грешки, туку да ги прескокнувате и секој пат во животот да наоѓате решенија, затоа што суштината на животот е секој пат, од секој предизвик да излегувате побогати со нови искуства, нови пријателства и нови начини на решавање на предизвиците кои постојат. Целиот ваш живот ќе биде исполнет со предизвици, со нови барања, потреби, но секој пат, за се има решение, ако постои желба да се дојде до решение, рече Иванов.

На деветттата по ред Школа за млади лидери на претседателот Иванов учествуваа 40 млади луѓе и триесетина предавачи од Македонија, Европа и светот.

Програмата на годинашната Школа за млади лидери беше фокусирана на најдобрите практики и знаења за развој на еко-системи за поттикнување на старт-ап, мали и средни претпријатија, како и деловното истражување и иновациите воопшто.

Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери беа Валдис Затлерс, поранешен претседател на Република Латвија, Дејвид Голдсмит, еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, Озгур Торт, главен извршен директор на MIGROS Group, Штефан Петер, претседател на Извршниот Одбор на ЕВН Македонија, Пинар Ајваз Арикан, генерален директор на Turkish Airlines во Скопје, Сани Шенер, извршен директор на ТАВ аеродроми, Бајбарс Алтунташ, претседател на Инвестициониот форум за светски бизнис ангели, Дејвид Бекет, TEDx тренер, Снежана Зивчевска – Сталперс, менаџер на проекти во IBM. Предавања одржаа и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Европа и светот.

Во изминатите девет години на школата учествуваа 360 млади луѓе и над 200 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, Вацлав Клаус и Ваира Вике – Фреиберга, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, Борис Тадиќ, Георги Прванов, Петар Стојанов, Бамир Топи и Реџеп Меидани, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top