| четврток, 6 декември 2018 |

Модата како дел од екосистемот

Скопскиот моден викенд деновиве ги покани сите млади дизајнери со помалку од 3- годишно искуство да бидат дел од проектот Re – imagination – Модата како дел од екосистемот. Имено, станува збор за проект кој обезбедува едукација и инспирација за новата генерација модни дизајнери за оддржливи теории и техники на дизајнирање, со цел да се поттикне растот кон циркуларниот моден систем.

– Преку оваа иницијатива сакаме да му дадеме нов живот на текстилниот ‘отпад’ на неочекуван начин. Младите дизајнери имаат за задача да создадат одржлив моден дизајн од текстилен отпад, а производот треба да создаде нова врска со модата за позитивни промени на планетата и еколошката свест во нашата земја. Она што треба да го направат за да обезбедат учество е да испратат мудборд илустрирајќи ја темата и 3 скици со идејата за “реставрирање на модата” со користење на техники за одржлив дизајн на Нула-отпад на info@fashionweekendskopje.mk до 12 септември, најдоцна до 17:00 часот. 12 дизајнери или студенти ќе учествуваат на финалниот перформанс и изложба за време на 18. издание на Моден викенд Скопје (ноември) и ќе земат учество во серија работилници за одржлив дизајн под менторство на Ирина Тошева”, велат организаторите и додаваат:

„Модната индустрија е втора економска гранка во светот и е една од главните виновници за загрозувањето на животната средина. Брзата мода произведува огромни количества отпад. Околу 40 проценти од купените алишта ретко или никогаш не се носат – во просек облеката се носи само 3,3 пати во текот на животот кај едно лице – а околу една третина од малопродажната облека никогаш не се продава и затоа е изгорена или уништена по друг пат. Со овој проект сакаме да и дадеме втор живот на облеката вреднувајќи го и туѓиот труд. Модата има моќ да направи позитивни промени, повторно да створи мерки против тековно штетните системи”.

Проектот е поддржан од Министерството за економија на РМ во соработка со Текстилниот Кластер Македонија и “Пакомак”.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top