| четврток, 6 декември 2018 |

Порака од едно мирно дете: Булингот не е за игнорирање, остава трајни последици

Кире Иванов е дваесет и тригодишно момче кое стигнало на крајот од образовниот пат носејќи ги на плеќите траумите од трулиот образовен систем. Тој до ден денес ги чувствува лузните од изживувањата на своите врсници, соученици, а на прагот на новата учебна година споделува поинаква фотографија од оние кои сме навикнати да ги гледаме. Не одат сите деца со песна на училиште, на некои лицата им се грчат и нозете им се враќаат дури и по години откако ќе ги напуштат училишните клупи.

Тој е дислексичар, но тоа не било причина да го мрази училиштето. Да му се превртува утробата од наближувањето на први септември и ден-денес, кога е на крајот на своето образование.

Во искреноста и едноставниот јазик на Кире ќе се пронајдеме сите – и жртвите и насилниците и оние „поштедените“. Кога зборува за затворените канцеларии и кафињата на педагозите и психолозите, ќе се сетиме на вратата која никогаш не се отавараше во ходникот со канцеларии – зашто генерации и генерации никогаш не се запознале со педагогот и психологот во нивното училиште. Некои и не слушнале дека постојат. „Педагогот и психологот во школото беа за украс. Фигури затворени во канцелариите на кафе-муабети. На никој не му беше гајле за менталниот развој на детето. На никој не му беше гајле дали едно малолетно дете ќе си оди дома истрауматизирано и исплашено и понижено и малтретирано. Нѐ учеа дека околината го формира карактерот на човекот дур е мал, но, на никој не му беше гајле за тоа…“

Преземете одговорност, им порачува Кире на мистериозните педагог, психолог, директор… Научете ги децата на љубов, им порачува на врсниците кои стануваат родители.

„Гледам моја генерација почнуваат да стануваат родители, па ве советувам да си ги воспитате децата со љубов, а ако има семејно насилство, дали врз детето од вашиот брачен другар, дали помеѓу вас – пријавете, во никој случај не дозволувајте вашето дете да трпи такво нешто, а отпосле да го истура гневот во школото врз некое мирно дете. Научете ги децата на љубов, научете да ги почитуваат сите, без разлика на пол, боја на кожа, етничка припадност, социјален статус…
А ако сте учител(ка), наставник(чка), професор(ка), педагог, психолог, директор(ка), ве повикувам да не бидете индиферентни спрема вакво однесување на ученик спрема ученик. Булингот е сериозен проблем. Побарајте ги нивните родители и известете ги. Булингот не е за игнорирање. Остава трајни последици. Единствената одговорност во школото не ви е да предадете лекција и да земате плата“.

Посветете му неколку минути на Кире Иванов, има многу што да ви каже за вас самите, за вашите деца, за нашите училишта, за нашите стравови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top