Граѓанската платформа „Мрдни со прст“ денеска одржа конференција за печат со цел да ги најави престојните активности во рамките на летниот караван. Поводот за средба со новинарите беше најава на серија претстојни активности, кои „Мрдни со прст“ ги поддржува.
-Се работи за 13-то издание на фестивалот за современи уметности „Акто“ оваа година насловен “Општество во изградба“, потоа, серија активности за најмладите и нивните родители заедно со „Чекор по чекор“, серија настани со спортски карактер, каде се повикуваат граѓаните да “се размрдаат“ и да вежбаат со „Размрдај се“, и конечно главен акцент ќе биде ставен на Националната хуманитарна акција за собирање храна под името „Нахрани 10.000“ во соработка со платформата Сите Сити. Целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна за ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно“ најави Ана Зафирова, поддржувач на платформата „Мрдни со прст“.
На средбата зема учество и Блаже Јосифовски координатор на мрежата „Сите Сити“, кој подетално проговори за престојната хуманитарна акција „Нахрани 10.000“ за собирање храна на одбрани локации и нејзино дистрибуирање до социјално загрозени граѓани. Целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна до нашите сограѓани преку собирање еднаш месечно храна.
Првиот хуманитарен чин ќе се случи на 6 септември, кој ќе започне во 10 часот и ќе трае се до 19 часот со амбиција овој настан да прерасне во континуирана едномесечна акција во 10 градови од земјава: Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница. Дел од организациите што работат со бездомници, за нив се прават посебни пакети во согласност со нивните услови за живот. За изнемоштените лица, се носи храната до нивните домови.
-Секој месец ќе се случува настанот „Нахрани 10.000“. Сакаме да прерасне во редовна активност во која граѓаните ќе им помагаат на ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно. Наша цел е оваа акција да биде дисперзирана во речиси сите градови низ земјава, не само во Скопје. Храната е основно човеково право, а јас верувам дека македонските граѓани се хумани луѓе и дека безрезервно ќе ја поддржат оваа акција да донираат за нашите сограѓани, кои не можат да си приуштат повеќе од еден оброк дневно“ изјави Блаже Јосифовски.
Во апелот од организаторите се препорачува сите хумани граѓани да донираат храна, која не е лесно расиплива како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.
Според Државниот завод за статистика во Македонија имаат проблем да обезбедат храна 445,099 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12.000 тони вишок храна што претставува за околу 26 000 граѓани да имаат по три оброка дневно. Нејзината вредност се проценува на најмлаку 11.6 милиони евра што може да се искористи како нова програма за социјална заштита.
Од фондацијата „Чекор по чекор“ до присутните се обрати Мајда Јошевска, координатор на образовната програма, чии активности се предвидени утре на 24 август на тревникот до Офицерскиот дом во Битола во рамките на фестивалот АКТО.
-Целта на настанот „За сите во нашата заедница, од 1 до 101 година” е да се зајакне соработката меѓу членовите на заедницата, невладините организации и институциите преку: развивање чувство за позитивен идентитет и припадност кон заедницата, за промовирање на меѓугенерациска комуникација и за промовирање вредности како што се емпатија, почит, одговорност и поддршка. Понатаму за подигнување на јавната свест за теми од општ интерес како: важноста на раниот детски развој и улогата на семејството, важноста од вклучување во различни акции во заедницата и важноста на институционалната и семејната поддршка за ментално и физичко здравје и благосостојба на возрасните. Настанот е дел од програмата на годинашниот АКТО Фестивал и ќе вклучува: Совети за здрави читачки навики; Играме, учиме и се забавуваме; Драмарама; Артивизам; Танцуваме заедно и Јога за смеење!“ изјави Јошевска.
Сите овие настани ќе кулминираат со голема целодневна дружба, која ќе се реализира во Градскиот парк во Скопје на 15 септември и ќе донесе спој на низа настани поддржани од “Мрдни со прст“ . Платформата се создаде пред речиси две години и на овој голем финален настан програмски ќе биде заокружена со настан на 5 подиуми и колоритна интерактивна програма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.