| четврток, 6 декември 2018 |

И дебармаалската фризерка стана буџетар: Директорката на Централен регистар ја згрижи сестра си

Непотизмот и праксата на партиски вработувања на СДСМ во државни институции не запираат. Откако се вдоми во ЕЛЕМ фризерката на Кирацовски, промовирана во буџетар е уште една фризерка – сестрата на на директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска – Јанковски, Емилија Бошковска, која е вработена во АД за Стопанисување со стамбен и деловен простор (АДСДП) за плата од околу 40 илјади денари. Имено сестрата на директорката на Централниот регистар, Емилија Бошковска по вокација е психолог, но досега работела како фризерка во салон во Дебар маало.

Од АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор за „Република“ потврдуваат дека Емилија Бошковска е вработена во АДСДП преку јавен оглас, но не прецизираат на кое работно место.

– Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката по повод вашите прашања за лицето Емилија Бошковска, ве известува дека ова лице е вработено во Акционерското друштво врз основа на објавен Јавен оглас. Имено, Емилија Бошковска во текот на Јавниот оглас уредно со целосна документација има аплицирано, при што Комисијата за вработување во законска процедура има констатирано дека ова лице ги исполнува сите услови согласно законот и условите од Огласот за склучување на договор за вработување, велат од АДСДП за „Република“ од каде додаваат дека Бошковска е вработена на работно место кое одговара на нејзината стручна подготовка.

Од она што го навела самата Бошковска на Фејсбук, студирала психологија, а средно завршила во „Д-р Панче Караѓозов“, односно медицинско. Таа навела дека има уште еден факултет, Чаршиски. Сепак, иако има разнолико и широко образование, нејасно е која од трите струки и занаетот е соодветна за вработување во Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор.

Како што јави Инфомакс, за Бошковска немало место во канцеларија во ПУИК, па таа е сместена во во една од директорските канцеларии. Досега во АД за Стопанисување со стамбен и деловен простор се вработени повеќе од 50 партиски војници на СДСМ, а како резултат на преголемата вработеност, ПУИК има проблем со редовно исплаќање на платите на вработените и нивните плати доцнат секој месец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top