| четврток, 6 декември 2018 |

Политичка пироманија

 Никола Србов

Штетите кои може да ги нанесе една неодговорна опозиција можат да бидат далекусежно поголеми од оние кои може да ги направи власта. Можеби звучи парадоксално, но ова се случува пред нас секојдневно последниве година и половина. Практикувањето на власта од страна на една партија се темели на нејзиното делување додека била во опозиција и на начинот преку кој се нашла во позиција да ја води државата. Нејзините ветувања, нејзините ставови, нејзиното делување на терен, начинот на искажување протест, изборот на кампања, комуникацијата со јавноста, и се останато што го прави една политичка партија додека е во опозиција е никулецот на политиката која ќе ја води владата кога таа партија ќе направи мнозинство во Парламентот. Затоа на една држава ѝ е неопходно да има одговорна опозиција. На овие простори многу често можете да слушнете „па што има врска, и онака се опозиција“, безумното делување во опозиција подоцна се урива врз државата. За жал денешната владејачка партија во Македонија беше далеку од одговорна додека беше во опозиција и резултатите од нивната неодговорност ги гледаме денеска.

Неразумните ветувања кои ги даваше СДСМ додека беше во опозиција денеска отвораат десетици нови проблеми кои претходно не постоеле. Неможноста да се исполни она што било ветувано, а било ветувано без никакви издржани пресметки и планови туку било само нафрлано, денеска распалува повеќе пожари во државата.

На моменталната власт дневно ѝ се палат толку многу огнови како на никоја досега. Но проблемот не е во палењето на огновите, проблемот е во начинот на справување со пожарите. Од она основното, кое сите го знаеме, по избувнувањето на пожар се повикуваат противпожарни единици кои го гаснат огнот, потоа се спроведува истрага за пронаоѓање на причинителот на пожарот, потоа се прави проценка на штета и на крај се врши санација на опожареното место и се санкционира доколку причинителот е човечки фактор. Во политички контекст повикот на противпожарни единици е политика на санирање, гасиш пожар ваму, гасиш пожар таму, санираш ваму, санираш таму, па се префрлаш на трет пожар, и така не создаваш ништо ново туку само го санираш постоечкото кое веќе си го имал, се вртиш во круг, тоа е стагнација.

Ваквото пост фестум институционално делување, или пост фестум политика, до пред неколку години беше карактеристична за државите кои беа дел од источниот блок и во кои општеството стихијно ги воспримаше вредностите од демократијата. Нормална развиена и просперитетна држава води политика на превенција. Во таква политика власта презема чекори и спроведува политики за воопшто да не дојде до пожар и да нема потреба од негово гаснење и санирање. Кога немаш потреба да гаснеш и да санираш, бидејќи си превенирал на време, имаш време, енергија и ресурси да изградиш нешто ново, тоа се вика прогрес. Санација и прогрес не одат заедно.

Но кај нас е уште потрагично и од политиката на санација. Тука пожарите воопшто не се ни гаснат, кај нас се потпалуваат нови пожари, па кога ќе завртиме на бројот на кој се

повикува власта да го изгаси пожарот добиваме одговор дека не е само нашиот пожар туку има уште десет пожари и треба малку да се стрпиме. Додека чекаме покрај пожарот кој сме го пријавиле, власта ни вели: гледај, онде има уште пет пожари, онде уште пет, сегде е исто, сите се исти, претходно не ти беше ништо подобро што се буниш сега, ајде да помине уште ова и ќе го изгасиме огнот. И додека „тоа“ да помине ние ќе изгориме во огнот. Потпалување на други пожари покрај пријавениот пожар во политички контекст би се нарекло „дефокусирање“.

Кај нас има создавање на дополнителни проблеми од страна на власта која додека ги создава и те дефокусира ти раскажува за претходната влада, и така во круг. Доколку превенцијата е прогрес, а санацијата е стагнирање, дефокусирањето е страшно назадување во кое се губи и она што веќе постоело. Ние сме заглавени во ова третово.

Па така, кога јавноста ги фати со раката брцната во медот како местат тендери и меѓусебно си делат грантови, добивме одговор „гледате сега колку е прекрасно, претходно не можевте да ги видите со раката во медот како местат тендери, сега се е транспарентно, одиме напред“. Според нив транспарентно крадење било прогрес.

А што е клучното? Со раката во медот беа фатени додека беше во тек полемиката за договорот кој Заев и Димитров го потпишаа со Република Грција. Палењето на нов пожар со Фондот за иновации беше мало подзаборавање на големиот пожар, оној со договорот. Додека сѐ уште гори пожарот со договорот и Фондот за иновации се пали нов пожар со џипот на МВР кој се расшетувал низ грчките плажи. До пожарот со џипот се запали нов пожар со партиски вработувања, итн итн. Тоа е контролиран хаос.

Во политиката има тактика за креирање и разрешување на кризи или „создади проблем – понуди решение – имплементирај решение – собери заслуги“. Со користењето на оваа тактика, покрај критиката или дефокусирањето од главниот проблем, можете и да се ослободите од вишок личности, да се покажете како „спасител“, да соберете политички поени.

Кога една политичка партија е одговорна додека е во опозиција кога ќе застане на чело на државата ќе нема потреба да ја дефокусира јавноста прикривајќи ја неможноста да го исполни она кое без размислување го ветила. Таа ќе ја води политиката за која гласале граѓаните, тоа е и суштината на изборите, граѓаните да гласаат за политика и програма која ќе се спроведува, не да гласаат за 500 евра плата а да добиваат разни договори. Опозициската ВМРО ДПМНЕ, и во минатото и денес, внимава што ветува додека е во опозиција, ветува достижни е реални нешта, не ја мами ниту потпалува јавноста како што тоа го правеше денешната власт додека беше во опозиција, тоа е одговорна политика кон граѓаните и државата. Од друга страна, моменталната Влада обидувајќи се да го одврати внимиманието на јавноста од договорот со Грција преку потпалување нови пожари ќе ја пеплоса државата.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top