| четврток, 6 декември 2018 |

„Втор пат ја губам и наоѓам бурмата“, Дејан Костовски раскажа се за прстенот пронајден во Охрид

Во македонските медиуми одекна една прекрасна романтична приказна, која ни ја враќа вербата во среќата и љубовта. На плажа во Охрид беше пронајдена бурмата на еден пар, кој ја изгубил на истото место пред 5 години.

Акцијата на социјалните мрежи за барање на сопственикот на пронајдената бурма вроди со плод и наскоро таа повторно ќе биде во рацете на Дејан Костовски.

Пронајден сопственикот на бурмата изгубена во Охрид, ја загубил пред цели 5 години (фото)

Тој за црнобело изјавил дека е среќен што ја пронашол бурмата, но уште посреќен што ја запознал својата сопруга во животот.

-Моника е најдоброто нешто што ми се случило во животот. Стапивме во брак кога таа имаше само 18 години, а јас 22. Годинава ја прославивме нашата 20-та годишнина од брак и имаме две прекрасни деца.

Инаку јас сум од Кочани, а сопругата од Охрид и веќе со години живееме во Швајцарија. Редовно ја посетуваме родната земја, па така и годината кога ја изгубив бурмата всушност бевме на летен одмор во Охрид. Бурмата ми беше малку лабава и изгледа при пливање ми испаднала. Навистина ме изненади чесноста на Биби и нејзиното семејство и едвај чекаме да ги запознаеме кога ќе дојдеме во Македонија за да ја земеме бурмата.

Интересно е што ова е втор пат да си ја изгубам и пронајдам бурмата. Првиот пат беше само една седмица откако се венчавме. Бевме на некоја прослава и наеднаш забележав дека не е на мојот прст. Нудев секакви награди за личноста што ќе ми ја пронајде, но по неколку дена, за среќа, ја пронајдов во мојата облека. Изгледа при играњето ми испаднала.

Потекнуваме од Македонија, таму правевме и свадба и секогаш со радост се враќаме, а овој настан со бурмата уште повеќе направи да веруваме дека ние Македонците сме навистина чесен и прекрасен народ, вели Костовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top