| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија 40 проценти од слободното време се минува пред телевизор

Македонскиот граѓанин најголем дел или третина од времето во денот го поминува на спиење. Статистичките податоци покажуваат дека 36 проценти од времето го троши на спиење.

На слободни активности отпаѓаат 22 проценти од времето, по 10 проценти на домашни активности и вработеност, девет проценти на јадење и пиење, по четири проценти на патување и школување и еден процент на останати активности.

Лицата постари од 10 години просечно по осум часа и 44 минути поминуваат на спиење преку ден или ноќ.

Два часа и 25 минути на домашни активности како подготвување храна, миење садови, чистење на станот, перење, пеглање, рачни изработки, градинарство, грижа за домашни миленичиња. Тука спаѓаат и активности поврзани со домаќинството како што е градење и поправка, купување и разни услуги, грижа за деца…

Два часа и 30 минути македонскиот граѓанин троши на главна и дополнителна работа, вкучувајќи ги и кратките паузи за време на работата, патувањето за време на работата, прекувремената работа и патувањето поврзано со вработеност, службен пат, семинар и друго.

Македонскиот граѓани јаде и пие просечно два часа и 14 минути, 56 минути за лична хигиена, грижа за сопственото здравје, интимни односи, како активности што се вршат бесплатно за член од семејството, роднина, пријател или слично.

Педесет и две минути од времето просечно се троши за патување кое вклучува пат од и до работа, патување поврзано со школување, патување поврзано со купување и услуги, со грижа за децата или друга грижа за домаќинството, поатување поврзано со дружење, патување поврзано со реализација на хоби, спорт, одмор…

Податоците од анкетата на Државниот завод за статистика ја прикажуваат традиционалната поделба на работите меѓу мажите и жените. Мажите поголем дел од времето го поминуваат на платена работа, додека кај жените, домашните активности одземаат најголем дел од времето.

И кога се вработени повторно жените предводат во домашните активности со голем процент. Вработените жени учествуваат со 14 проценти за разлика од вработените мажи кои учествуваат со само пет отсто во тие активности.

Од времето кое жените го поминуваат на домашни активности дури 37 проценти е на подготвување храна, додека мажите за подготвување храна трошат 12 проценти од времето. Миењето садови кај жените зазема 16 проценти од домашните активности, додека кај мажите два проценти.

Најмалку слободно време имаат лицата на возраст од 25 до 44 години, кои најголем дел од дневното просечно потрошено време е на работното место. Најмногу време за слбоодни активности имаат лицата на возраст над 65 години.

Граѓаните во Македонија најголем дел од слободното време го поминуваат пред телевизор 40 проценти од слободното време, потоа на одморање, користење компјутер, дружење, шетање и пешање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top