Претседателот на Словенија Борут Пахор има највисока месечна плата меѓу колегите од регионот, а најниска добива неговиот колега од Србија Александар Вучиќ.
Месечната заработувачка на претседателот на Словенија, според имотната листа што ја пријавил, изнесува 3.332 евра. Од друга страна, неговиот српски колега, Александар Вучиќ, месечно остварува дури трипати помал месечен приход. Вучиќ, за извршувањето на функцијата шеф на државата, на месечно ниво добива 1.083 евра, што е најмалата претседателска плата во регионот.
Повеќе од 3.000 евра месечни примања имаат хрватскката претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, како и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, пишува црногорскиот весник „Побједа“.
Грабар Китаровиќ има нето плата од 3.276 евра, додека членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, во просек заработуваат по 3.091 евра. Според Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина, членовите на Претседателството на земјата, Бакир Изетбеговиќ, Драган Човиќ и Младен Иваниќ добиваат 2.862, 2.874 и 3.536 евра месечно.
Месечните приходи од 2.873 евра прима косовскиот претседател Хашим Тачи.
На веб страната на Агенцијата за спречување на корупцијата во Црна Гора се уште не се објавени податоци за месечни примања на претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, но познато е дека неговиот претходник на таа позиција за еден месец заработувал околу 2.420 евра.
Помалку од 2.000 евра месечно заработуваат албанскиот претседател Илир Мета, чија плата изнесува 1.425 евра и македонскиот Ѓорѓе Иванов, кој заработува 1.250 евра.
Доколку се направи споредба меѓу примањата на претседателите и просечната плата во регионот, ќе се утврди дека сите тие месечно заработуваат многу повеќе од просекот во нивните земји, наведува „Побједа“.
Меѓутоа, рекордери се претседателот на Косово и тројцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина. Месечната плата на Хашим Тачи е речиси осумпати повисока од просечната плата во Косово, а платите на Бакир Изетбеговиќ, Драган Човиќ и Младен Иваниќ се седумпати поголеми во споредба со просечната заработувачка во БиХ.
Тројно поголема плата од просечната добиваат претседателите на Хрватска, Македонија и Словенија. Иако платата на српскиот претседател Александар Вучиќ е најмала меѓу неговите колеги во регионот, тој заработува двојно повеќе од просечната плата во Србија.
Според официјалните податоци, највисоки просечни плати во регионот има во Словенија и Хрватска, а најниски во Македонија и Босна и Херцеговина, објави РТЦГ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.