| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија нема слободата на медиумите

Македонија ја ограничува слободата на медиумите, пишува пишува Балкан инсајт. Меѓународни и домашни набљудувачки групи за медиумите ги обвинија владата и опозицијата дека протуркуваат законски измени, што дополнително ќе ја намалат слободата на медиумите и ќе го нарушат медиумскиот пазар во Македонија.

Текстот на Синиша Јаков Марушиќ објавен на Балкан инсајт го пренесуваме во целост.

Македонската влада и опозиција го користат бурниот период околу претстојниот референдум за името, за повторно да се воведе рекламирање финансирано од државата, кое беше прекинато пред неколку години и да се воведат контроли за онлајн медиумите – потези за кои набљудувачките групи и новинарите велат дека ќе ја намалат слободата на медиумите и повторно ќе го нарушат медиумскиот пазар.

На 25 јули парламентот ги усвои овие одредби, кои сега се дел од Изборниот законик, откако четирите главни политички партии во земјата се согласија за тоа како дел од нивните разговори за претстојниот референдум за историскиот договор за името со Грција.

-Амандманите овозможуваат мешање на јавните власти во слободата на мислење и примање и пренесување на информации и идеи за време на изборните кампањи и во нивната уредничка независност, рече Европската федерација на новинари (ЕФН) во изјава во понеделникот.

На 9 август платформата на Советот на Европа за заштита на новинарството, исто така, го предупреди македонскиот парламент за одредбите.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕЕМ), па дури и државната Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), ги критикуваа измените.

Првата одредба им овозможува на политичките партии да користат пари од државниот буџет за нивните политички реклами за време на изборите.

-Ова наголемо ги враќа владините рекламни кампањи од времето на режимот на [поранешниот премиер Никола Груевски], кога владата трошеше јавни пари за медиумските кампањи за нивните наводни успеси, рече Насер Селмани, претседателот на ЗНМ.

Иако владата предводена од социјалдемократите тврди дека тоа ќе го регулира финансирањето на политичките партии и ќе воведе еднакви услови за играње, додека беа во опозиција, социјалдемократите со години упатуваа остри критики кон нивните претходници, администрацијата предводена од Груевски, поранешен шеф на десничарската партија ВМРО ДПМНЕ, која потроши милиони за медиумски кампањи спонзорирани од државата.

Претходната влада ги прекина контроверзните рекламни кампањи во 2015 година по острите критики дека ги користела за контрола на медиумите и нарушување на медиумскиот пазар. Тоа го стори тоа откако беше зафатена од голем скандал со прислушување што доведе до нејзино соборување во 2017 година, по длабока и пролонгирана политичка криза.

Друга спорна измена на Изборниот законик ја овластува Државната изборна комисија да регистрира и да го следи  медиумското известување за изборите онлајн. Покрај тоа, членот 181а од законот предвидува казни во износ од 4.000 евра за традиционалните и онлајн медиумите, ако тие се прогласат за виновни за “неурамнотежено или непристрасно известување”.

Ова е првпат Изборната комисија да има задача да врши мониторинг на медиумското известување.

Претходно, АВМУ ги следеше и ги казнуваше медиумите за пристрасно известување, но се откажа од оваа практика за време на локалните избори минатата година, велејќи дека практиката е погрешна и не е во согласност со европските стандарди.

Пред да дојдат на власт, социјалдемократите ветија дека ќе ги почитуваат мислењата на набљудувачките групи за медиумите и на професионалците, кои во најголем дел се против строга регулација на медиумската сфера, инсистирајќи на тоа дека саморегулирањето во комбинација со владината политика на немешање е подобро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top