| четврток, 6 декември 2018 |

ВицеЕр e новиот македонски авиопревозник кој ќе ги преземе линиите на Виз-Ер

Нова македонска воздухопловна компанија ќе сообраќа на линиите од кои се откажува евтиниот авиопревозник Виз-Ер, соопштија денес од министерството за транспорт и врски.

Новата компанија ќе се вика ВицеЕр и како што велат извори од министерството, одбрана е не само поради несомнениот квалитет со кој ќе придонесе за работата на македонската влада, туку и поради името со кое транзицијата од Виз-Ер на ВицеЕр на патниците ќе им биде што полесна и незабележлива.

„Видете, ова ќе е добро и за владата бидејќи веднаш најдовме решение за проблемот кој неочекувано се јави кога на ВизЕр им ги скративме субвенциите, но и за државата која не смее да пати поради нашата работа. Ете гледате, луѓето од ВицеЕр беа толку ажурни што изреагираа веднаш откако на унгарскиот превозник Виз-Ер не му беше продолжено субвенционирањето, па се понудија тие да ги преземат субвенциите и линиите од кои ќе се откажува пополека Виз-Ер поради пропаднатиот договор со Македонија. Вистинско чудо и среќа е што се појави оваа компанија токму сега во Македонија и ние сме пресреќни поради тоа. Како да знаеле во ВицеЕр дека Визер нема да добие субвенции и веднаш формирале компанија која ќе е спремна да помогне за да не страдаат македонските патници“, велат од министерството.

Од таму додаваат дека оваа компанија добила инстант лиценца за летање благодарение на министерството и за тоа граѓаните треба да му се најблагодарни на министерот.

„Како што знаете ние сме министерство за транспорт и врски. Наша задача е да обезбедиме транспорт за граѓаните, макар и со употреба на врски. Така што ги искористивме сите ингеренции кои ги имаме за експресно да ја легализираме оваа нова авио-компанија од Македонија и тоа е само за доброто на граѓаните“, додаваат од кабинетот на министерот.

Според стручњаците од владата на Република Македонија, апликацијата на ВицеЕр ги исполнува сите стандарди кои се пропишани, а оние кои не ги исполнува ќе бидат избришани поради итноста на потребата од авиопревозник.

„Авионите ќе летаат со европско знаменце, така стоеше во апликацијата, па затоа рековме „алал“ и решивме да им помогнеме за да има во што да се возат граѓаните. Ако чекавме да биде се по редовна процедура ќе трпеа граѓаните, па затоа се сложивме да отстраниме неколку критериуми кои ќе го кочеа развојот на Македонија и интегрирањето на граѓаните во земји од НАТО и ЕУ, па затоа го избришавме делот каде што се бара искуство, на пример. Доволно беше што сопственикот, кој е многу богат човек од Македонија, самиот имал искуство летајќи повеќе од 100 пати низ целиот свет. Денес тоа е реткост во Македонија и сметаме дека тој со искуството како патник во авиони ќе придонесе многу во квалитетот на работењето на оваа нова компанија“, ни одговорија од Владата на РМ на прашањето за новата авио-компанија.

Се обративме и до новиот превозник кого го прашавме како е можно толку бргу да изреагирал откако пропаднаа субвенциите за Виз-Ер и овој повеќегодишен превозник започна да откажува летови од Македонија, како и тоа дали новата компанија има удел во откажувањето на субвенциите на Виз-Ер. Од таму ни одговорија по писмен пат во мејл:

„Почитувани, ние ништо не знаеме за тоа со субвенциите што им беше откажано на Унгарците. Ние случајно баш во ист период решивме да се занимаваме со авио-летови, откако нашата фамилија претходно се оствари во многу нови бизниси, особено последните година дена, па ете имавме среќа нашите конкуренти Виз-Ер да не добијат субвенции и да мора да откажуваат летови, кои за среќа на граѓаните и интеграциите на Македонија ние ќе ги преземаме еден по еден доколку случајно се случи Виз-Ер потполно да замине од Македонија, како што претпоставуваме дека може да се случи… Плус, подготвени сме да добиваме субвенции од државата и знаеме како да си побараме, бидејќи нашата фамилија со години добива субвенции во земјоделије, па тука нема и некоја голема разлика. Принципот е ист, другото се нијанси, субвенции си се субвенции“, велат од компанијата.

Компанијата е регистрирана во Струмица, а низ струмичката чаршија се говори дека името на новиот авио-превозник е генијално бидејќи не само што потсетува на Виз-Ер туку и има скриена порака во врска со сопственикот на компанијата. Во Струмица велат: „Со новата компанија ViceAir и Вицето ќе виде аир!“.

Од компанијата велат дека имаат големи планови за иднината, а откриваат само дел: во нивните авиони ќе биде дозволена конзумација на марихуана, а се планира и отворање на нов аеродром во с. Муртино, со цел и источниот дел од Македонија да биде поврзан со светот.

Ајварка Пиперка

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top