| четврток, 6 декември 2018 |

Заев: Потписниците требаше да присустуваат на одбележувањето на Рамковниот договор

Сите кои на некои начин беа вклучени во процесот на потпишување и натамошно имплементирање на Охридскиот рамковен договор требаше да пристуваат денеска на свеченото одбележување на 17-годишнината од неговото потпишување, што се одржа во Клубот на пратениците со панел дискусија на тема „Патот до Брисел преку Охрид“.

Ова го порача денеска премиерот Зоран Заев по завршувањето на панелот, а одговараќи на новинарско прашање зошто на одбележувањето на учествуваа неговите потписници, поранешните лидери на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски.

На одбележувањето не беше присутен ниту вицепремиерот задолжен за Ракмовниот договор, Хазби Лика. Оваа година прв пат организатор на годишнината од Рамковниот е Секретаријатот за европски прашања предводен од Бујар Османи, наместо Секретаријатот за Рамковен договор, како што беше досега.

Вицепремиерот за Рамковниот договор го бојкотира одбележувањето на Рамковниот

 

– И јас на овој настан сум гостин, бев поканет и се отповикав на поканата. Прашајте ги двајцата потписници, поранешните претседатели на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Требаше да присустуваат и да ги потврдат придобивките од договорот. Потребно е да го негуваме неговиот дух. Јас денеска изразив почит кон сите потписници на Рамковниот договор, вклучувајќи ги и тие што повеќе не се меѓу живите. Сите тие дадоа придонес, го отстранија конфликтот и почнаа да градат едно општество за сите во оваа наша мултиетничка заедница, рече Заев.

Во врска со тоа до каде е анализата за спроведување на содржаното во Рамковниот, Заев нагласи дека Законот за јазиците е последниот правно-формален аспект.

Верува дека во соодветно време Законот за јазици ќе се најде во Службен весник.

– Треба да бидеме трпеливи. Законот за јазици два пати е гласан во Парламентот. Верувам дека во содветно време ќе биде објавен во Службен весник. Верувам и апелирам дека претседателот на државата ќе стави потпис на двата важни закона. Законот за јазиците и Законот за ратификација на Договорот со Грција, поради тоа што ако така се однесуваме сите навистина ја доведуваме во прашање најважната институција во државата – Парламентот. Дали има смисла неговото постоење во една парламентарна демократија, оти теоретски може претседателот да одлучи и на наредните 170 закони, кои и да се во државата, да не ги потпише, рече Заев.

Нагласи дека се прави анализа и за застапеноста на припадниците на етничките заедници во јавните институции, при што нагласи дека застапеноста кај албанската етничка заедница е 19 отсто. Додаде оти треба да се работи со цел да се достигне поставената цел. Заев нагласи оти се работи и на правичната застапеноста на останатите етнички заедници.

Премиерот додаде дека на секоја владина седница реферира некоја од институциите за правичната застапеност. На последната владина седница реферирала Управата за јавни приходи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top