| четврток, 6 декември 2018 |

Четвртина млади во ЕУ се невработени

spanija nevraboteni

Наоѓањето работа на младите е прва и неодложна задача за Европската Унија. Без работа е скоро една четвртина од младите на возраст од 18 до 25 години во ЕУ.

Европските лидери одвоија 6 милијарди евра за потпомагање на процесите на вработување, но велат дека „една птица не чини пролет“. Поради оваа поразителна состојба во Унијата, германската канцеларка Ангела Меркел, во Берлин организира состанок на кој ќе се бара начин како да им се пружи надеж и иднина на младите невработени лица.
Во Грција 60% од младите се невработени, па атинскиот Универзитет почна да организира обуки за своите студенти, насочувајќи ги иднината да си ја бараат во отварањето на сопствени бизниси, бидејќи работа нема кој да им понуди и нема изгледи наскоро да се промени ситуацијата.
„Не можеме да излеземе, да уживаме во добра театарска претстава, филм или изложба, за тоа ни требаат пари, а ние ги немаме. Затоа мораме да се избориме за своите идеи“ велат младите во Грција.

Во Шпанија, пак младите кои претходно се откажале од понатамошното образование сега се враќаат во универзитетските клупи, надевајќи се дека со диплома од високо образование ќе имаат поголеми можности да се вработат.
Оваа ситуација е лоша за сите. Колку повеќе невработени млади тоа значи толку помалку даночни приходи за државите и помалку пари за системот за социјална заштита. Тоа пак со себе повлекува и пад на другите индустрии. Луѓето денес тешко се одлучуваат да склучат брак и да основаат семејства, па затоа се помалку се купуваат автомобили, недвижнини, апарати, бела техника…
Тоа е еден маѓепсан круг на економската криза поради кој Ангела Меркел ги повика своите колеги во Берлин со заеднички сили да се обидат да ја мрднат ситуацијата од мртва точка. „Мислам дека парите не се најголемиот проблем, туку како да заработиме пари во иднина и на младите да им пружиме перспектива“ вели германската канцеларка.

Меѓутоа младите велат дека се жртви на европската политика на штедење, која ја застапува германската канцеларка.
Стефано Скарпета, директор на Организацијата за економска соработка и развој вели дека и во минатото, генерациите кои во кризните времиња имале проблем да се вработат, не можеле да најдат работа и 20 години подоцна, или пак работеле слабо платени работи, бидејќи нивното време кога се најбарани на пазарот поминало.
Затоа ЕУ во најбрзо време мора да најде решени за младите, ако не сака светот да добие уште една изгубена генерација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top