| четврток, 6 декември 2018 |

На Јадранот пристигнуваат опасни ајкули: Доаѓаат од топлите краишта, а меѓу нив е една од најопасните на светот (Видео)

Минатата седмица чешки државјанин беше нападнат од ајкула за време на неговото летување со семејството на Црвеното море. Неговото тело беше пронајдено на плажата Алам, а локалните жители ги предупредуваат туристите да не пливаат далеку затоа што опасноста од напад на ајкула станува се поголема.

Ајкула исто така неодамна пристигна и на брегот на познатото шпанско летувалиште Мајорка. Нималку пријатната сцена ги растера туристите од морето и плажите, а спасувачките служби беа приморани да реагираат и да ја бркаат ајкулата во длабоките води.

После бројните напади забележани во Масачусетс и во уште неколку краеви на светот, не можеме а да не се запрашаме што се случува со ајкулите, посебно после тврдењата на научниците дека порастот на глобалната температура влијае на морскиот свет.

Исклучок не е ниту Јадранското море, каде што според некои податоци, во последните десетина години температурата на морето просечно се зголемила за 1,2 степени, открива Ален Солдо, експерт при Одделението за студии на морето при Универзитетот во Сплит.

Поради загревањето на Јадранското море, пристигнуваат невообичаени видови, па така во последните неколку години во водите на ова море пристигнале острозабиот гуштер, афричкиот косторог и слични видови. Зголемувањето на температурите придонесува за менување на морскиот свет, па нови видови од Црвеното море, преку Средоземното пристигнуваат на Јадранот.

„Податоците покажуваат дека неделно, еден нов вид од Црвеното море пристигнува во водите на Медитеранот. Притоа, не станува збор само за риби, туку има и корали. Растот на температурите влијае и на промена на животните навики на ајкулите. Инаку, бројот на ајкулите во светот опаѓа, па денес има околу 500 видови, од кои 28 видови пливаат во водите на Јадранското море“, изјави Солдо.

„Ајкулите спаѓаат меѓу предаторите, видови кои што ги карактеризира долгиот живот, доцното полно созревање и малиот број на млади. Човекот им е главниот непријател. На подрачјата каде што владеела за нив нормална температура, сега со порастот на температурите, таму ајкулите повеќе нема да доаѓаат. Тие бараат температури кои што им одговараат, па затоа има миграции“, појаснува Солдо.

Во Јадранското море може да се забележат и големите бели ајкули, врвни предатори меѓу својот вид.

„Големата бела ајкула може да поднесе големи температурни разлики, а во Јадранското море е исклучиво поврзана со големите јата на туна. Како што ќе се движат тие јата, така ќе се движи и големата бела ајкула“, објаснува Солдо и додава дека тој вид е повремен жител на Јадранското море, инаку најсеверното и најстудено море во Медитеранот.

Ајкулите, коралите, рибите и останатите морски видови доаѓаат во Јадранското море поради проширувањето на Суецкиот канал, со што е овозможен поголем проток на вода во Медитеранот: „Проблемот е што ние тука не можеме да сториме ништо. Има премногу варијабли на кои што не можеме да влијаеме“.

точка.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top