| четврток, 6 декември 2018 |

Спасовски на чело на комисијата што треба да го разреши Велковски

На владина седница во вторник ќе се одлучува дали ќе биде разрешен директорот на БЈБ Лазо Велковски, по скандалот со службениот џип на МВР виден во Грција.

Владата очекува да го добие предлогот на Спасовски за разрешување на Велковски. Засега, оттаму не коментираат за случајот и се повикуваат на соопштението на МВР.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој најави дека ќе поднесе предлог за разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски, по скандалот со полицискиот џип, е претседател и на Комисијата за кадровски прашања која ќе одлучува дали ќе биде прифатен предлогот за разрешување. Освен Спасовски, во Комисијата членуваат и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, вицепремиерот за Рамковен договор Хазби Лика, министерот за животна средина Садула Дураку и министерот за здравство Венко Филипче.

Според редовната процедура, на точката за кадровски прашања, министерот Спасовски треба да го достави предлогот и Владата да донесе одлука. Кадровската комисија секогаш има седница пред почетокот на владината седница и таму го усогласуваат ставот за кадровските промени.

Предлогот за разрешување на Велковски следува по обелоденувањето на информацијата дека полициски џип „ренџ ровер дискавери спорт“ бил виден во грчкиот камп Евридики.

Велковски беше именуван за директор на Бирото за јавна безбедност во јуни минатата година како квалитетно експертско решение со долгогодишно работно искуство во областа. Според неговата биографија, тој е вработен во МВР од 1991 година. Во првите години од својата кариера работел во областа на безбедност на патниот сообраќај. Во 2004 година станува директор на БЈБ, на чие чело е до 2006 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top