| четврток, 6 декември 2018 |

Синот на бин Ладен се оженил со ќерка на главниот киднапер на авионите од 11 септември

Хамза бин Ладен, синот на поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен, се оженил со ќерката на Мохамед Ата, главниот киднапер и водачот на терористичките напади во САД од 11 септември 2001 година.

Оваа информација на весникот „Гардијан“ ја потврдиле полубраќата на Осама, Ахмад и Хасан ал Атас. Тие, исто така, рекле дека веруваат оти Хамза добил повисока позиција во хиреархијата на Ал Каеда односно дека тој сака да се одмазди за смртта на неговиот татко кој беше убиен во воена операција на американските специјалци во Пакистан.

Хамза бин Ладен е син на една од трите преживеани сопруги на Осама бин Ладен, Каирија Сабар, која живеела со сопругот во Аботабад, во близина на воена база во Пакистан, каде што тој беше убиен.

Според информациите, Хамза станал заменик на актуелниот лидер на терористичката група Ајман ал Завахири.

„Слушнавме дека тој се оженил со ќерката на Мохамед Ата“, изјавил Ахмад ал Атас, додавајќи дека тие не се сигурни каде се наоѓа Хамза, но дека веројатно е во Авганистан.

Западните разузнавачки агенции изминативе две години го фокусираа своето внимание врз Хамза бин Ладен, бидејќи тие веруваат дека токму тој е оној кој може да ги мотивира членовите на Ал Каеда на акција.

Според „Гардијан“ неговата свадба со ќерката на Ата покажува дека организацијата се уште цврсто се базира околу следбениците на бин Ладен.

Извор: Макфакс

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top