| четврток, 6 декември 2018 |

Заев конечно го кажа тоа на М, ама го заборави македонскиот народ

 Предраг Димитровски

„Како се наближува 2 Август и Илинден се ми се чини дека ќе пукне таков резил, што ниту Свети Илија, со сиот свој капацитет и авторитет, грмотевиците и дождот, што му стојат на располагање, не ќе може да го измие образот на денешнава политичка елита“. Вака, пред точно 15 години, во својата колумна „Македонија на Македонците“ пишуваше мојот тогашен главен уредник Владимир Тулевски. Бог да му душа прости, го споменувам заради, излезе, неговото пророштво и визија, што уште тогаш, на 5 јули 2003 година, како лоша вест ја напиша на страниците на „Вечер“.

Да, денес имаме друга политичка елита, но Свети Илија Громовник не може да и го измие и нејзиниот образ, по вчерашното чествување на 2 Август, Илинден, Денот на републиката. Зашто, уште еднаш, по којзнае кој пат, се покажа дека политичките елити ги користат и најсветите нешта, државните празници, за дневно-политички цели и за ситни дневно-политички поени. Денот на републиката, што можеби и последен пат го славиме како таков, покажа дека Македонците никогаш меѓусебно не биле национално по поделени, дека видикот од владините кабинети низ розовите очила е дијаметрално спротивен од актуелната реалност, дека работите не се движат во вистински правец, дека… И, што е уште пострашно, дека „некој“ и натаму се обидува политички и безбедносно да го „мести“ обичниот народ, обичниот граѓанин, кој ете решил да присуствува на празнична прослава! Па така, наместо да се занимаваме со испратените празнични политички пораки, сега ќе зборуваме за тоа кој упорно инсистира да ги вовлече во валканите подземни игри навивачките групи на „комитите“, „чкембарите“, „војводите“… за да ги апси и суди. Исто како што беше пред некој месец на протестите пред Собранието против спогодбата со Грција, кога полицијата употреби шок бомби, гумени куршуми и прекумерна сила. Зашто, како поинаку да се објасни фактот дека до кабинетот на шефот на државата не стигнала никаква безбедносна проценка од надлежните институции и органи и тоа во вакви, исклучително сензитивни политички околности и времиња! А, инцидентот, еден, два три…колку и да се на број, не само на Мечкин камен, каде и да се случат се за осуда од секој здраворазумен, пред се, човек, па што сака тој нека биде според националната определба, партиска припадност и политичка обоеност, вера, професија… Старо, непишано правило е дека на туѓа несреќа никогаш не се гради лична среќа, па било таа да е политичка, уште помалку идеолошка.

Сега нешто за пораките. Повеќе од убеден сум дека горчливо било чувството кај сите членови на делегациите, кои вчера положуваа венци секаде каде што се чествуваше Илинден. Посебно пред споменикот на АСНОМ. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во центарот на Скопје својот краток говор, политички и партиски, го искористи за мобилизирање на граѓаните за претстојниот референдум. Но, во што е апсурдот? Апсурдот е во тоа што тоа го стори од пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, чиј главен грев за негова политичка егзекуција бил тоа што инсистирал на одвојување на државата од партиските дејности!?

Угледниот, честитиот и достоинствен премиер на се уште Република Македонија, Зоран Заев, човекот кој додека го дише овој македонски воздух, додека го држи памет дека неговиот дедо, татко, сите негови претци, тој, неговите син и ќерка се Македонци, родени овде во Македонија, немаше да го смени името на државата, но и не само тоа, туку и веруваше дека не постои роден човек во Македонија, кој е подготвен да излезе пред Парламентот и да побара промена на Уставот заради промена на уставното име, човекот кој, сепак, ќе биде премиер на Република Северна Македонија, беше во Пелинце. Нормално, и тој својот говор го искористи за пропагирање на референдумот. И, замислете, конечно го кажа тоа на М! Република Македонија употреби шест пати, Македонија десет пати, Македонци трипати, македонски јазик четири пати и македонски идентитет трипати. Ете, дозволувам да сум утнал во броењето по еднаш или двапати, не повеќе. Каде е тука апсурдот? Иако читаше дел од Манифестот на АСНОМ, тој ниту еднаш, чинам, не спомена македонски народ, а Манифестот се обраќа токму на македонскиот народ! Наместо тоа, во два наврата (и тука дозволувам да сум утнал во бројката еднаш, двапати) употребуваше народе мој или мој народе. А, кој е неговиот народ, како се именува тој? Не е важно! Македонски народ, за волја на вистината, го користел во други пригоди.

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, од Мечкин камен за првпат отворено пред пошироката јавност образложи зошто не ја прифаќа спогодбата со Грција. И тоа е негово легално и легитимно право, што никој не може и не смее да му го оспори или одземе. Првичните обвинувања на негова адреса се премногу евтини и проѕирни за политички да ги присвојува националните и државните интереси, зашто на тоа никој, апсолутно никој нема право. Сосема друга работа е дали и како народот, односно граѓаните ќе ги примат неговите пораки за непопуштање пред притисоците, за неговото заобиколување од страна на власта, за среброљубието и славољубието, за правното укинување на македонскиот идентитет, за историјата и основите на македонскиот републиканизам, за грижата на народот за својата република… Нешто ново, низ факти хируршки прецизно, точно. Му се допаѓало тоа некому или не.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top