СДСМ вчера ги обвини неделникот и порталот Република, дека „креирале и пренеле целосно неточен и невистинит одговор на претседателот Зоран Заев на новинарско прашање поврзано со проблемот што го има Грција со уставото име на Република Македонија“. Според нив, во изјавата, Заев не спомнал „двонационален идентитет“ туку неговиот одговор гласел: „Не би навлегувал во деталите, но апсолутно, непроменливоста на Уставот значи недопирање на ВО НАЦИОНАЛНИОТ идентитет на државата“.
Партијата не објасни што значи „точната“ изјава на Заев, односно за каков национален идентитет зборува нивниот лидер кога вели „на ВО НАЦИОНАЛНИОТ идентитет на државата“.
Дали станува збор за тенденциозно искривување на фактите и за „конструкцијата на одговорот“, како што ја претставува СДСМ, и зошто беше потребно со титлување и со успорување на изјавата да се убедува јавноста во тоа што „јасно и гласно“ го кажал Заев им препуштаме на читателите сами да проценат од видеото. (изјавата е на 5.40 минута од интервјуто).
СДСМ исто така не одговори и зошто им требаше пет дена да реагираат на интервјуто кое во меѓувреме беше објавено и на нивната веб страница.
Каков е ставот на „Република“ за Зоран Заев, човекот кој збореше дека се чувствува фригидно, дека ќе јаде живи луѓе, дека ќе пука пред избори, за „Селото ПОД седумте јасени“… ќе прочитате во новиот број на неделникот Република што ќе излезе во петок.
Во продолжение следува интегралниот текст од прес конференцијата на СДСМ.
Минатата недела неколку медиуми во Македонија, пренесувајќи дел од интервјуто на претседателот на СДСМ Зоран Заев дадено за неделникот „Република” направија груба манипулација и дезинформација на јавноста, во спротивност на сите новинарски стандарди.
Неделникот и порталот „Република“, но и Телевизија Сител (во дневникот на телевизијата и на Веб страната), порталот „Курир“, дневниот весник „Вечер“, порталите „Нетпрес“, „Денешен.мк“, „Е-вести“, како и „Радио Илинден“, креираа и пренесоа целосно неточен и невистинит одговор на Претседателот Заев на новинарско прашање поврзано со проблемот што го има Грција со уставното име на Република Македонија.
Имено, конструкцијата што на јавноста и ја презентираа споменатите медиуми во делот од видео интервјуто на претседателот на СДСМ Зоран Заев за Република гласи: „Не би навлегувал во деталите, но апсолутно, непроменливоста на Уставот значи недопирање на ДВОнационалниот идентитет на државата (Република Македонија н.з.).
Точната изјава на претседателот Заев гласи: “Не би навлегувал во деталите,но апсолутно, непроменливоста на Уставот значи недопирање на, ВО НАЦИОНАЛНИОТ идентитет на државата.
Како потврда на кажаното ви презентираме видео запис од интервјуто. Истото ќе го погледнете и во забавена верзија. Иако знаеме дека станува збор за конструкција, а не за искажан збор, сепак, за добивање јасна и прецизна слика на изјавата на претседателот Заев беше изработена забавена верзија од страна на експерти од сферата на медиумите. Во прилог на писмената реакција ќе го добиете и презентираниот видео материјал.
Би сакале да веруваме дека во споменатиот случај се работи за новинарска грешка. Но, кога сериозни и релевантни новинари или медиуми грешат, согласно правилата на новинарската професија, по сторениот превид веднаш им се извинуваат на засегнатите или бараат дополнителни информации за допрецизирање на ставовите. Во овој случај, ниту првото, ниту второто не беше направено.
Од овие причини заклучокот на СДСМ е дека недвосмислено станува збор за намерна, тенденциозна изработка на лажен исказ, оркестрирано и синхронизирано пренесен во јавноста преку медиуми со слична или идентична уредувачка политика и препознатливо наклонета кон власта. Со јасна цел: креирање лажен впечаток во јавноста и нанесување штета на политиките на СДСМ и неговиот претседател.
Заради заштита на вистинитоста и објективноста на пренесените информации, СДСМ бара од „Република“, „Сител телевизија“, „Курир“, „Вечер“, „Нетпрес“, „Денешен“, „Е-вести“ и „Радио Илинден“ во целост да го пренесат овој демант и да и овозможат на јавноста реална перцепција за ставот на претседателот на СДСМ.
Од тие причини, веќе во текот на денешниот ден, СДСМ ја започнува законската постапка и процедура и по писмен пат бара од горенаведените медиуми да се извинат и да го објават овој демант. Во спротивно, по истек на законските рокови, против одговорните лица ќе бидат покренати соодветните судски постапки.
Воедно, СДСМ ќе ги извести и ќе очекува соодветна реакција од Советот на честа при ЗНМ, Македонскиот институт за медиуми како и од останатите релевантни организации во земјава што ги анализираат почитувањето и имплементацијата на новинарските стандарди.
СДСМ негува отворен и искрен однос кон новинарите и медиумите во Република Македонија, базирани врз принципите на взаемна почит и уважување. Претседателот, заменик претседателот како и раководствата на партијата на централно и локално ниво се секогаш и во секоја прилика подготвени на редовна комуникација и презентирање на партиските политики од интерес за новинарската заедница и јавноста во Република Македонија. Без оглед на непринципиелноста, тенденциозното искривување на фактите и подметнувањата од страна на одредени медиуми, за СДСМ врвен приорите и императив ќе останат заложбите за новинарски производ што објективно и професионално ќе ја информира на јавноста.
Наша желба и надеж е дека медиумските работници кои, своеволно или под притисок и закана се заложници и одработуваат во интерес на нечии политички агенди и амбиции, што поскоро ќе се охрабрат и ќе застанат во одбрана на новинарската професија. На тој начин ќе го вратат сопственото достоинство, а воедно ќе престанат да и нанесуваат непроценлива штета на државата која со нивна заслуга, кога станува збор за слободата на говорот и медиумите е рангирана на ниво на африканска земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.