| четврток, 6 декември 2018 |

Заев ќе увезува народ за референдумот

 Предраг Димитровски

Никој не смее да го тепа овој народ! Вака кон крајот на 80-тите години, на голем, сенароден митинг на Косово, силно воскликна тогашниот српски вожд Слободан Милошевиќ. Што се следуваше по ова и како заврши самиот тој, од оваа временска дистанца на сите ни е познато.

Како чист антипод на Милошевиќ и голем демократ, сега, по донесувањето на собраниската одлука за претстојниот референдум, угледниот, честит и достоинствен премиер на сè уште Република Македонија, Зоран Заев, човекот кој додека го дише овој македонски воздух, додека го држи памет дека неговиот дедо, татко, сите негови предци, тој, неговите син и ќерка се Македонци, родени овде во Македонија, немаше да го смени името на државата, но и не само тоа, туку и веруваше дека не постои роден човек во Македонија, кој е подготвен да излезе пред Парламентот и да побара промена на Уставот заради промена на уставното име, човекот кој, сепак, ќе биде премиер на Република Северна Македонија, треба исто така да воскликне. На пример, никој не смее да го силува овој народ, посебно не Македонците, а уште помалку демократијата!

Да, треба, ама ако смее и може. Зашто, собраниската одлука се претвори во голо силување на демократијата, на Уставот, на Законот за референдум и на уште еден мал милион законски и подзаконски акти од што нема враќање, со што целосно се разобличи насилничкиот начин на владеење на оваа Влада. И тоа не спрема опозицијата. Таа е сосема погрешна адреса. Туку спрема народот, поточно мнозинството етнички Македонци. Зашто, според сите досегашни релевантни анкети, речиси 75 отсто од нив се против спогодбата со Грција, а не против НАТО или ЕУ. Ставањето на трите работи во ист кош, нормално преку референдумското прашање, е чисто поигрување со нивниот разум, интелигенција, чувства, волја… А, којзнае. Ако се суди според квалификативите на угледни професори од типот за шизофреност или расчистување со сите оние, кои се против НАТО и ЕУ, можеби и тоа е нечија преодна цел за да се стигне до крајната, што значи целосно идентитетско елиминирање на Македонците. Важно, тие ќе си останат со титулите и ќе бидат подобни за да уживаат со остатокот од 25 отсто етнички Македонци и нивните сограѓани од останатите етнички заедници.

За волја на вистината, Македонците, историски гледано, не се наоѓаат за прв пат во ваква ситуација. Сетете се само на дилемите од типот „На Солун или на Срем“ или „За кого си, за Тито или за Сталин“. Овие биле прашања, што се диктирале веднаш по крајот на Втората светска војна и ја одредиле судбината на илјадници и илјадници луѓе. Малку подоцна, пак, во времето на расчистување со македонскиот либерализам/национализам, Анести Пановски, еден од тогашните комунистички лидери, ќе остане запаметен со својата идеја за носење Кинези во Македонија, само за да се комунисти. Е сега, премиерот Заев можеби размислува во тој правец. Ако треба и тој ќе „увезува“ народ, не мора да се Кинези, нели, а башка идеолошката определба нема никаква улога, само за да се исполни цензусот и да помине референдумот. Кога веќе мнозинството етнички Македонци е против договорот со Грција, ама не и против влегувањето во НАТО и ЕУ.

Кога сме кај историскиот контекст, вреди да се спомене и еден британски став спрема Македонците од периодот меѓу двете светски војни, а е изнесен од Орме Сарџент, со децении прв човек на Одделот за јужна Европа во Форин офисот. Содржан е во книгата на Димитриос Ливаниос со наслов „Македонското прашање-Велика Британија и Јужен Балкан 1939-1949“, објавена во 2008 година. Еве што вели Сарџент:„Што значи македонско малцинство? Некои од нив се нарекуваат Македонци, но зошто да се согласиме да им дадеме име што коинцидира со територијата и што беше коска на раздорот и не биле автономен ентитет веќе 1000 години. Терминот Македонија се однесува на регион што не смее да им се дозволи на Словените да го присвојат, бидејќи не се единствени. Постојат и Турци, Албанци, Грци и Власи. И тие може да имаат право да се наречат Македонци“.

Препознавате нешто во ова? Ако препознавате, секоја коинциденција е „чиста случајност“. Затоа, немојте да му забележувате на еврокомесарот Јоханес Хан кога наместо Македонци, го става знамето на денес Република Македонија, а веќе утре Република Северна Македонија. Немојте да му забележувате ни на премиерот Заев кога ни самиот не знае што потпишал со Бугарија и Грција. Дали признавање на постоење народ, на Македонци како етнос или само како македонско државјанство. Изгубен е во сопственото неразбирање. Башка говори тоа што ќе му кажат и дополнително ја зголемува конфузијата и одбивноста за излегување на референдумот.

Во секој случај, фабриките за перење мозоци допрва почнуваат со работа. Тоа што досега го гледавме и слушавме ќе биде гола вода во однос на тоа што следува. Напад на сите сетила. Кој ќе преживее, ќе раскажува.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top