| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на „Но(е)ва Македонија“ во Битолскиот народен театар

Ансамблот на НУ Народен театар-Битола, вечерва во 22 часот на матичната сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Но(е)ва Македонија“. Режисер е  гостинот од Србија, Кокан Младеновиќ.
Авторскиот проект „Но(е)ва Македонија“ претставува ангажирана општествена сатира која има за цел да ги истражи механизамите на политичката грандоманија, манипулација, злоупотребата на историските документи и фалсификување на историските факти, што се во интерес на одредена група луѓе.

– Тимот на Битолскиот театар е еден од најдобрите со кои сум работел. Станува збор за актери кои се подготвени да дадат одговор за девијациите и проблемите во ова време. Во претставата се обидовме да бидеме комични, а во вториот дел од претставата да бидеме сериозни и да понудиме драма. Се навикнавме на политичките елити кои наместо народот се претставуваат самите себе и својот капитал, сервираат идеи од кои страдаат невини луѓе, а ним им е се подобро и подобро. Со оваа претстава сакаме да испратиме потсмев и да спречиме некои нови изопачувачања на историјата, а јас како песимист верувам дека злоупотреби на историјата ќе има и во иднина – изјави  српскиот режисер Младеновиќ.

Во претставата „Но(е)ва Македонија“ ќе настапат актерите Катерина Аневска Дранговска, Валентина Грамосли, Сандра Грибовска, Огнен Дранговски, Илина Чоревска и други. Драматург е Билјана Крајчевска, сценограф Валентин Светозарев, а костимограф Благој Мицевски. Музиката за оваа претстава ја компонираше гостинката од Србија Ирена Поповиќ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top