| четврток, 6 декември 2018 |

Oдлуката за распишување референдум е противуставна и незаконита

 Михајло Маневски

Уставниот суд на Македонија е должен да поведе постапка и да ја поништи Одлуката, а  согласно  членот 27 од Деловникот за работа на судот да донесе решение за запирање на незјзиното извршување до донесување на конечна одлука

 

Основна обврска на Уставниот суд на Република Македонија е согласно членовите 108 и 110 став 1 алинеа 1 и 2 од Уставот на  Република Македонија, да ја  штити уставноста и законитоста  и да одлучува за согласноста на законите и на другите прописи и на колективните договори со Уставот.  Поведување на постапка за оценување уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт се поведува со решение на Судот по повод поднесена иницијатива. Освен по поднесена иницијатива, според  членот 14 од Деловникот за работа на судот, Уставниот суд  може и сам да поведе постапка за оценување уставноста на закон, односно уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт. Тоа значи дека и без иницијатива, Уставниот  суд сам може да одлучи да поведе постапка за оценување на уставност и законитост на закон или друг општ акт.

Одлуката на Собранието за распишување на референдум е спротивна  на член 120 став 3 од Уставот,  член 15  и член 23  од Законот за референдум

Со Одлука на Собранието на Република Македонија од 30.07 2018 година се утврдува да се одржи референдум на 30 септември 2018 година и тој да биде консултативен. Утврдено е референдумското прашање, кое гласи: “Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?”.

Ова е срамна одлука, спротивна на Уставот и Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување. Такво флагрантно кршење на елементарните уставни и законски норми не остава никого равнодушен. Не се почитува ниту Уставот, ниту законот. Ова е една импровизација,  својствена на владеењето на Зоран Заев и неговата дружина. Има ли Зоран Заев барем еден, од тие стотина советници, да го советуваат да не прави ваква глупост и да не ја изложува државата на срам и трошење на  над 3,5 милиони евра за противуставен консултативен референдум кого никого не обврзува.

Уставниот суд на Македонија е должен да ја изврши својата уставна должност и сам да поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката на Собранието на Република Македонија за распишување на референдум, поради тоа што Одлуката е во директна спротивност со член 120 став 3 од Уставот на РМ и член 15 став 4 и член  23  од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Во Уставот на Република Македонија се предвидува задолжителен референдум за одлука за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави.             Според членот 120 став 3, одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласале мнозинството од вкупниот број избирачи. Тоа значи дека на референдумот граѓаните донесуваат одлука.

Покрај во Уставот, во членот 23 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување, референдум на државно ниво задолжително се распишува за усвојување на одлука на Собранието за менување на границата на Република Македонија и на одлука за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави. Тоа значи дека за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави, референдунмот е задолжителен.  Според членот 29 од Законот за референдум, одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави се усвоена, ако на референдумот за неа гласале мнозинството од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список.

Во Одлуката на Собранието не се предвидува задолжителен, туку консултативен референдум. Зоран Заев само пред еден месец во Собранието беше категоричен дека референдумот ќе биде задолжителен, а сега  тоа што го кажал не важи, значи тоа што го кажал излажал. Со тоа свесно и грубо се крши Уставот и Законот за референдум, во кои се предвидува задолжителен референдум за стапување во сојуз со други држави.

Многу е јасно зошто Зоран Заев избега од задолжителен референдиум, затоа што ниту во сон не може да сонува дека на задолжителен референдум може да освои мнозинство од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список. Според член 8  од Законот за референдум, Одлуката донесена на референдумот за одлучување е задолжителна, а  Одлуката донесена на референдум за консултирање  не е задолжителна.

Референдумско  прашање.

Референдумското прашање според членот 15 став 4 од Законот за референдум  мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдумот да може да одговори со “’ЗА“ или “ПРОТИВ“.

Какво е референдумското прашањето во Одлуката? Во Одлуката на Собраниетро,  референдумското прашање гласи: “Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?” Ова прашање во Одлуката воопште не е јасно и прецизно формулирано и недвосмислено. Ова прашање содржи три прашања: Дали сте за членство во ЕУ; Дали сте за членство во НАТО; Дали сте за прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција? Три прашања во едно. Прашањето дали сте за членство во ЕУ, е прашање за стапување во сојуз со други држави, а за такво прашање законот предвидува задолжителен референдум.  При вака конфузно, нејасно и двосмислено прашање, граѓаните се доведуваат во заблуда, за што да гласаат? Некој граѓанин може да сака да гласа за членство во ЕУ, но да не сака да гласа за прифаќање на договорот со Грција или да не сака да гласа за членсто во ЕУ, а сака да гласа за членство во НАТО или сака да гласа за прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција, а не сака да гласа за членство во НАТО.  Прашањето што е утврдено е спротивно на Законот за референдум и спротивно на Уставот.

              Како што тргна власта на Зоран Заев, така и продолжува, со насилство, со насилство врз демократијата, со насилство врз Уставот и законите, со насилство врз граѓаните. Ќе има ли барем една работа што ќе биде завршена во согласност со Уставот и законите? Заглибени во криминал и расипништво, од ден на ден се подлабоко ја брцаат раката во медот и при тоа се  исмејуваат со народот, како да народот ништо не разбира. Бидејки сами не се освестуваат, ќе дојде време кога народот ќе ги освести и ќе ги казни насилниците врз Уставот и законите и за злоупотреба на власта.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top