| четврток, 6 декември 2018 |

Кочани останува без јавен превоз

Со известување упатено до локалната самоуправа на Кочани, превозникот „Авто атом“ најави дека од 1 август ќе престане да ги извршува услугите за јавниот градски превоз. Со тоа еднострано се укинуваат линиите од село Оризари преку населбите Усова Чешма и Бавчалук, спојот на улицата „Бел камен“ со „Страшо Ербапче“ до Лесна индустрија и обратно.

Според „Авто атом“ причината за укинувањето на релациите е што интерните анализи на претпријатието покажале дека е непрофитибилно и неисплатливо натамошно давање на услугата по сегашните цени.

Линиите на градскиот превоз веќе се определени со одлука на Советот на Општина Кочани за организирање и субвенционирање на општински линиски превоз на патници за период од една година.

Со одлуката, Советот побара Општина Кочани да учествува со 50 отсто во цената на билетот за линискиот превоз на патници што не е повисока од 20 денари. Во меѓувреме беше распишан повик за избор на давател на услугата согласно важечките законски прописи, но досега беа поништени две постапки за јавна набавка за вршење на линиски превоз.

– При првиот распишан повик од Општина Кочани, превозникот „Авто атом“ побара 30 денари од билет, сума што не е во согласност со одлуката на Советот, а на последниот повик за оваа јавна набавка немаше ниту еден понудувач за вршење на јавниот градски превоз, информираа од Одделението за јавни дејности на Општина Кочнаи.

По ваквата одлука на „Авто атом“, Општина Кочани најавува дека не се откажува од организирање и субвенционирање на јавниот превоз, па наскоро ќе излезе со ново решение и линиите ќе им бидат понудени на други превозници. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top