| четврток, 6 декември 2018 |

Макрон: Бенала никогаш не ми бил љубовник

Од сите потези и коментари во досегашниот претседателски мандат на Емануел Макрон, овој се чини е најбизарен, но и најмногу потсетува на изјавата на еден друг скандалозен претседател, Американецот Бил Клинтон, кој за аферата со Моника Левински во 90-тите рече: „Немав сексуални односи со таа жена“.

Францускиот претседател, на големо изненадување, јавно рече: „Бенала никогаш не ми бил љубовник“. А никој не го праша директно.

Изјавата на Макрон звучеше бизарно во најмала рака, бидејќи беше дадена на најнеочекувано место, на средба со пратениците. Сепак, изјавата доаѓа среде најновиот скандал околу претседателот, поврзан токму со 26-годишниот Александер Бенала, син на марокански имигранти кој до неодамна му беше телохранител и близок човек на Макрон, но беше отпуштен поради насилство врз демонстранти.

„Александер Бенала никогаш не ги доби шифрите за нуклеарките!“, рече Макрон, обидувајќи се да биде духовит.

„Бенала никогаш не ми бил љубовник“, додаде Макрон.

Скандалот што ја потресе Франција почна со видеоснимка на која се гледа како Бенала, маскиран како полицаец, напаѓа маж и жена кои протестираат на улица, во мај годинава.

Макрон и претходно се соочувал со незгодни прашања од медиумите во врска со неговата сексуалност, особено бидејќи е во врска со Брижит Троње, која е 25 години постара од него.

Нивната неконвенционална врска беше доволна за да почнат шпекулациите за неговата сексуална ориентација и дали тој го користи бракот со Брижит за да се вклопи во хетеро имиџот на еден политичар.

„Да кажете дека не е возможно еден маж да живее со постара жена, освен ако тоа не е параван за неговата хомосексуалност или дека е жиголо, е мизогина изјава. Исто така е хомофобично. Да бев хомосексуалец, ќе го кажев тоа и ќе живеев отворено како геј“, изјави тогаш Макрон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top