| четврток, 6 декември 2018 |

Рејчел Галовеј е новата британска амбасадорка во Македонија

Новата британска амбасадорка во Македонија, Рејчел Галовеј денеска му ги предаде акредитивните писма на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

На состанокот со Иванов, амбасадорката Галовеј ја нагласи британската поддршка за Македонија и цврсти билатерални врски помеѓу нашите две земји.

– Многу сум среќна и почестена што сум акредитирана како Амбасадор на Нејзиното Величество во Република Македонија. Нашите земји имаат блиско и долгорочно партнерство. Ќе продолжиме да даваме силна поддршка на стратешките цели на Македонија и нејзината евро-атлантска интеграција. Со нетрпение очекувам да работиме на прашања што ја зајакнуваат нашата заедничка безбедност, стабилност и просперитет – рече Галовеј.

Амбасадорката Галовеј работела како парламентарен истражувач пред да стане дел од тимот на Министерството за надворешни работи и Комонвелт во 2001 година. Пред нејзиниот мандат во Македонија раководела со Машрек Магреб Работната група во Службата за надворешни работи на ЕУ.

Нејзината кариера во Министерството за надворешни работи и Комонвелт опфаќа работа во области како меѓународни организации, меѓународен развој, борба против тероризмот, како и мандати во Брисел и Вашингтон.

Рејчел е мажена со Томас Галовеј РБИ и има две деца.

Обединетото Кралство и Република Македонија имаат воспоставено дипломатски односи во 1993 година. Амбасадорката Галовеј е осми британски амбасадор во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top