Угледниот, честитиот и достоинствен премиер на сè уште Република Македонија, Зоран Заев, човекот кој додека го дише овој македонски воздух, додека го држи памет дека неговиот дедо, татко, сите негови предци, тој, неговите син и ќерка се Македонци, родени овде во Македонија, немаше да го смени името на државата, но и не само тоа, туку и веруваше дека не постои роден човек во Македонија, кој е подготвен да излезе пред Парламентот и да побара промена на Уставот заради промена на уставното име, човекот кој, сепак, ќе биде премиер на Република Северна Македонија, речиси секојдневно продолжува со својот политички пад. По се изгледа, не помагаат никакви апарати за негова политичка реанимација, особено по издишаните НАТО-прослави. Напротив. Секоја негова нова изјава станува предмет на подбив, па уште згора почнува да ни продава и курназлуци.
Да нема недоразбирање, според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, зборот курназлук или курназлуци во множина е изведенка од именката од машки род курназ. А, таа означува дрзок, надмен, итар човек. Или, иронично-курназ-будала-што се прави недоветен, а всушност е многу паметен. Оттука, ироничното значење на зборот го ставам на страна.
Па, така, премиерот Заев, со својата весела математика околу претстојниот референдум за новото име на државата, меѓу другото, ни порача дека „ако нема исполнет цензус, нема одлука„, зашто, според неговото толкување на највисокиот правен акт во државата, „така е по Уставот„. И „тогаш институциите треба да одлучат да гласаат за или против уставни промени„. Што би рекол самиот, и после го донеле Заев за да го смени името на државата, ааајде мајкатааа… А, којзнае, можеби така го советувале неговите правни експерти. Само тогаш се поставува прашањето зошто е воопшто потребен референдумот и зошто воопшто е потребно пропагандно силување и (раз)убедување на граѓаните да не го бојкотираат? За натамошниот тек на неговата политичка кариера, што ја стави како залог? Не. Баш ги заболе уво граѓаните за неговата политичка иднина. Ни прв, ни последен премиер. На граѓаните, особено на Македонците, им е важно националното достоинство, идентитетот, јазикот, културата, традицијата, историјата… Какви се такви се, нивни се. И бојкотот на референдумот е легален и легитимен став, а дали некому му одговара или не, тоа си е негова работа. Затоа, ако е така како што вели премиерот, а лично се сомневам, нема никаква потреба од губење време, државни, народни пари и енергија и институциите, оние надлежните, веднаш нека си ги преземат работите во свои раце и нека гласаат за или против уставните промени. Така, барем граѓаните ќе избегнат нова, насилно наметната поделба, ќе ги смират страстите и омразата и ќе бидат на чисто дека со нивната судбина си поиграле нивните политичари. Впрочем, како и безброј пати досега. Само, каде одеднаш се изгуби сиот оптимизам на премиерот и вербата во светлата иднина и благосостојбата, која ете, само што не дошле и на овие наши простори?Зошто одеднаш стравување и нови планови и весели математики? Изгледа тешко, многу тешко се излегува од политичката магла во која не само што самиот влезе, туку ја внесе и целата држава.
Другата страна на медалот, или курназлук, ако сакате, е неговиот став поврзан со скандалот во Фондот за иновации при што високи членови на Владата и на СДСМ добија стотици илјади евра од државата. „Нема да побарам сигурно оставки затоа што се повлекоа. Прво, не го кршат ниту законот, зашто да побараме оставки? Ако така ние бараме оставки, после ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта“, изјави премиерот Заев.
Вака навидум, ама само навидум звучи убаво и, пред се, значи водење грижа за своите најблиски соработници. Но, изгледа неговата пи-ар машинерија не му воочила некои работи. На пример, има ли и каква е разликата во медиумскиот притисок кога стануваше збор за поставувањето на Џезаир Шаќири-Хоџа на советничка позиција во Владата и неговата брза одлука да ја напушти? Хоџа не зема ни денар државни пари и имаше доблест самиот да се повлече, но по разговор со премиерот. Сега не знам дали премиерот воопшто разговарал со неговите владини и партиски соработници, кои добија и се откажаа од државните, народни пари, ама немаат доблест како Хоџа, а уште помалку барем грам морал и етика, што мора да се основен предуслов за вршење на било која државна функција. Згора, од каде знае премиерот дека се било според законските одредби? Што во превод треба да значи дека влегувањето на Основното јавно обвинителство во Фондот за иновации е чист блеф, фингерајка и замајување на јавноста, од што не треба ништо да се очекува.
Но, она што е пострашно, а премиерот се прави дека не го гледа или не сака да го види е фактот дека прво, со овој чин го предодредува начинот и карактерот на владеење на неговата Влада. Со други зборови, го фрла во вода прокламираното почитување на етичките и моралните норми и на сите ни пее „не, не, не може нам нико ништа, јачи смо од судбине…„! А, тоа, нели, е незапирлив пат кон автократија и демократура, што немаат допирни точки со политичките мантри за едно општество за сите или дојде животот. И второ, сакал признал или не, и процесот на приватизација беше законски! И каква е пораката што ни ја праќа? Ќе ја обновам и рециклирам приватизацијата, односно процесот на транзиција, и законски ќе крадеме!? Е, браво. Секоја чест. Само продолжете така. И ќе ги мотивирате граѓаните да излезат на референдум за да се достигне потребниот цензус. За да си ја одредат нивната судбина и вашата политичка иднина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст