Нивната реакција ја пренсуваме во целост.
1. Претставниците на нашето еко-движење немаат дадено никаква согласност за учество во некакво „мониторинг тело“ што ќе ја следело работата на рудникот. Учеството во такво тело би значело дека прифаќаме рудникот да биде отворен, што е незамисливо.
2. Во текот на состанокот, не е водена апсолутно никаква дискусија за такво тело. И да била водена, нашиот став би бил исклучиво ПРОТИВ. Ако некогаш се води, нашиот став ќе биде исклучиво ПРОТИВ.
3. Немаме никаква намера да влегуваме во никакво заедничко тело за било што во врска со рудникот со никого, освен со граѓански активисти. Ние сме независна граѓанска иницијатива со свои активности и ќе продолжиме во истиот дух како и досега. Ќе учествуваме во јавни дебати за да ја шириме вистината за опасноста од рудникот.
4. Наша недвосмислена, директна, единствена и непроменлива цел е рудник во Иловица-Штука да нема! Од таа цел нема да отстапиме никогаш и по ниедна цена и тоа повеќепати сме го нагласувале.
5. Соопштението на Владата е некоректно, а го сметаме и за обид за корумпирање и компромитирање на нашиот отпор во очите на јавноста.
6. Соопштението на Владата е и манипулативно и спинувано во селекцијата и презентацијата на информациите, бидејќи се спомнуваат само наводните „бенефити“ од работата на рудникот, а не и нашата жестока аргументација во однос на смртоносната опасност од неговата работа. Недобронамерна е и ударната информација на соопштението дека цијанид (па и сулфурна киселина!) немало да се употребуваат, и покрај сите наши досегашни експликации за не помалата опасност од другите отрови кои ќе ги произведува рудникот.
7. Ниту сме имале, ниту имаме, ниту никогаш ќе имаме „заедничка цел“ со концесионерот Еуромакс Рисорсис. Ги сметаме за потенцијални гробари на Струмичката Котлина и за исклучително манипулативни и подмолни во нивните активности.
8. Ние, во претходното денешно соопштение чесно го поздравивме одржувањето на ваков состанок, а за евентуалните идни побаравме независни експерти од повеќе области (земјоделство, медицина, хемија, биологија, екологија итн.) за да се избегнат манипулациите од страна на Еуромакс Рисорсис со конфликт на интерес кај нивните рударски и градежни експерти. Денешното соопштение на Владата го става под прашање нашето натамошно учество на такви состаноци.
9. И Владата и Еуромакс Рисорсис, а се надеваме и јавноста, конечно ќе сфатат дека ние не се бориме за никакви лични позиции или материјални придобивки, туку исклучиво за сопирање на најголемата опасност во историјата на Струмица и струмичко – Рудникот на смртта Иловица-Штука.
10. Во текот на идната недела, ќе ја запознаеме јавноста со нашите идни активности.
СТОП ЗА РУДНИКОТ НА СМРТТА!
И соопштението на Владата на РМ го пренесуваме во целост.
На иницијатива на Претседателот на Владата на Република Македонија, синоќа во Струмица се одржа консултативна средба за Проектот за развој на рудникот за бакар и злато Иловица – Штука.
Во четиричасовната дискусија со која претседаваше премиерот Заев, учествуваа владини претставници од ресорните министерства и институции, градоначалници и претставници на засегнатите локални самоуправи, претставници на локалните заедници, граѓански организации и здруженија, технички експерти, претставници на ЕБОР и на компанијата – носител на проектот, „Еуромакс“, како и други засегнати страни.
Во текот на дебатата беа презентирани аргументи и студии од сите страни и се соочуваа ставови со цел меѓусебно разбирање и наоѓање решенија.
Премиерот Заев и претставниците на Владата на РМ со целосна почит и внимание ги ислушаа аргументите на граѓаните и нивните јасно артикулирани ставови, и со исто внимание ги ислушаа презентираните факти на експертите, како и на претставниците на компанијата кои зборуваа за посветеноста и за преземените мерки за заштита на животната среднина и за здравјето на граѓаните.
Беше поздравена одлуката на граѓанските организации да се вклучат во дијалог и да ги вкрстат ставовите односно да ја искажат загриженоста за здравјето и животната средина во која живеат, но и спремноста да сослушаат ставови различни од нивните. Заеднички беше констатирано дека само преку искрен и отворен дијалог може да се стигне до решенија кои се конструктивни и ќе го унапредат регионот.
Во рамки на дискусијата беше поздравена и одлуката на „Еуромакс“ да ги отстрани цијанидот и сулфурната киселина од процесите, во интерес на заштита на животната средина и со цел отстранување на грижите на локалното население во регионот.
Со внимание беа разгледани и економските параметри кои покажуваат дека оваа инвестиција и работата на рудникот ќе учествува со 3% од БДП во Македонија, и ќе обезбедува даночни приходи во висина од 24 милиони евра годишно, со отворање на 500 директни и 2700 индиректни вработувања за граѓаните од овој регион.
На консултативната средба, премиерот Заев изнесе неколку заклучоци кои беа поздравени од присутните, меѓу кои тоа дека сите засегнати страни имаат заедничка цел, да се отстранат ризиците и стравовите поврзани со животната средина и здравјето на граѓаните.
Следните чекори ќе бидат заеднички, преку континуирана дискусија и дијалог, при што компанијата ќе биде посветена да испорача гаранција за заштита на здравјето на локалното население, а Владата ќе биде тука да врши контрола низ процесите што се во нејзина надлежност.
Меѓу заедничките заклучоци од состанокот е и најавата дека ќе се формира независно мониторинг тело што ќе врши проверка на секој следен чекор низ претстојните фази.
Консултативната средба на претставниците на Владата на Република Македонија, градоначалниците и претставниците на локалните самоуправи, претставници на граѓански организации и здруженија, технички експерти, како и претставници на компанијата носител на Проектот за развој на рудникот за бакар и злато Иловица – Штука, „Еуромакс“, имаше за цел да ги вкрсти ставовите, да се зголеми довербата меѓу засегнатите страни, до изнаоѓање на најдобро решение прифатливо за сите засегнати страни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст