Антологијата на песни посветени на скопскиот катастрофален земјотрес „Ден судбоносен – 26 јули 1963“ утревечер со почеток во 19 часот ќе биде промовирана во Домот на културата „Димитар Влахов“ во скопската населба Автокоманда.
Делото го приредија новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти Свето Стаменов и Искра Чоловиќ и универзитетскиот професор, литературен теоретичар и критичар, писател и поет Васил Тоциновски.
Антологијата, која е плод на речиси двегодишна континуирана истражувачка работа, содржи 182 песни на деведесетина поети од речиси сите страни на светот кои преку нив ги искажуваат својата болка и тага за она што го снајде Скопје на 26 јули 1963 година и надежта дека градот повторно како феникс ќе се крене од пепелта и урнатините.
Со свои песни се застапени автори од сите генерации македонски поети, почнувајќи од највидните претставници на македонската поетска реч: Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Лазо Каровски, Љупчо Стојменски, Томе Арсовски, Евгенија Шуплинова, Бистрица Миркуловска, Цане Андреевски, Иван Чаповски, Влада Урошевиќ, Драгица Најческа, Славка Арсова… Застапена е и најновата генерација македонски поети, а некои од нив своите песни ги напишаа специјално за оваа антологија.
Од поетите од странство, меѓу другите, со свои песни се застапени: Јеврем Брковиќ, Јуре Каштелан, Славко Михалиќ, Кристине Буста, Иван В. Лалиќ, Јон Хореа, Елио Филипо Акрока, Луси Албертини, Алберто Баеса Флорес и др.
Во антологијатаза првпат на македонски јазик интегрално се објавува и збирката „Урнатини“ на познатиот хрватски и македонски филозоф и еден од втемелувачите на катедрата по филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје и поет Павао Вук-Павловиќ. Нему скопскиот земјотрес му беше главен мотив на својот мајчин хрватски јазик да ги напише антологиските 33 скопски сонети кои во 1964 година беа вкоричени под наслов „Развалине“, а кои пет децении подоцна беа препеани на македонски од универзитетскиот професор Кирил Темков.
Во прилогот насловен „Скопскиот земјотрес и музиката“ првпат на едно место се собрани текстовите на песните што за скопската катаклизма и за Скопје ги испеаја легендите на македонската народна музика Никола Бадев, Васка Илиева, Александар Сариевски и сестрите Мавровски.
Промотори на антологијата „Ден судбоносен-26 јули 1963“ се директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова – Грујовска и универзитетскиот професор и писател Александар Прокопиев. Покровител на изданието и на промоцијата е градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст