| четврток, 6 декември 2018 |

Струјата поевтинува во Хрватска, кај Србите пак 11% поскапување

Цената на електричната енергија за домаќинствата во Србија од 1 август се очекува да поскапи за 11 отсто, а во Хрватска да се намали за седум отсто.

Агенцијата за енергетика на Република Србија добила официјално барање од компанијата ЕПС (Електро привреда Србија) за поскапување на струјата за 10,9 отсто, јавија српските медиуми.

Од Агенцијата наведуваат дека може да се очекува струјата да поскапи од 1 август имајќи предвид дека е неопходно компанијата „ЕПС снабдување“ 15 дена претходно да ги информира потрошувачите за поскапувањето.

На предлогот за поскапувањето на струјата му претходеше интервенција на Агенцијата која побара од „ЕПС снабдување“, кој претходно побара поголемо поскапување, да ги отстрани сите неоправдани трошоци од барањето за поскапување.

Истовремено во Хрватска компанија ХЕП (Хрватска електро привреда) до Регулаторната агенција поднесе барање за намалување на производната цена на електричната енергија за категоријата домаќинства за 10,7 отсто.

Уделот на производната компонента во вкупната сметка изнесува 60 отсто, што значи дека реалното намалување на цената би изнесувало меѓу шест и седум отсто.

Барањето за корекција на цената во наведениот износ се темели на примена на формулата за пресметка на трошоците за производство на електрична енергија во првото полугодие и процената на трошоците за производство за целата година во согласност со правилата утврдени со тарифниот систем за производство на електрична енергија.

Поевтинувањето на ХЕП несомнено е резултат на доаѓањето на конкуренцијата на пазарот со електрична енергија во Хрватска, каде што влегоа една словенечка и една германска компанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top