| четврток, 6 декември 2018 |

Додека Заев прогласува патриоти и предавници, тендерите си врват, криминалци се ослободуваат


Вчера премиерот Зоран Заев имаше жесток и несразмерно жолчен настап по лидерската средба. Панично прогласи и направи поделба на предавници и патриоти, подоцна уште еднаш тоа го потврди од собранискиот прес центар каде имаше изјавата на пратеничката група.

Евидентната нервоза укажува дека Зоран Заев повеќе ветува, но не може да испорача носејќи го целокупниот процес во еднонасочна улица. Очигледно Заев се удри во ѕид бидејќи она што го ветил, промена на името, не може да помине кај граѓаните, па преминува во фаза на операција на прескокнување на волјата на народот преку манипулативни методи.

Иако постои законска обврска, тој сака да наметне прашање кое е манипулативно. Тој пристапува кон ова бидејќи знае дека волјата на граѓаните е негативна во однос на потпишаниот договор. Сега премиерот се соочува со една мошне деликатна ситуација. Има ветување дека ќе протурка промена на име, но има лимитирани механизми да ја заобиколи волјата на народот.

Поранешниот член на ДИК, Даштевски потенцира дека без оглед за каков вид на референдум станува збор, треба да се исполнат два услови и тоа треба да биде јасно и недвосмислено!

– Кај двата облици на референдум, целокупната постапка предвидена во законот треба да биде фер и демократска, за да биде успешен. Односно треба да бидат обезбедени двата кумулативни услови, излезност од над 50% од запишаните избирачи (односно над 907.000 избирачи) и во таа бројка 50% плус 1, да гласаат “ЗА” поставеното прашање. Во тој случај не е многу важно дали референдумот ќе биде задолжителен или консултативен, бидејќи условите се исти, освен ако не се работи за прашање кое е предвидено во членот 23 и 29 од Законот за референдум, вели Даштевски.

Додека Заев прогласува предавници и патриоти и обвинува за барање на амнестија, тој ослободува осудени криминалци и си врват милионски тендери.

Утрово одекна како бомба информацијата дека убиецот на Мартин Нешковски, специјалецот Игор Спасов кој во 2012-та година беше осуден на казна затвор од 14 години, излегол од затворот во Идризово и во моментов се наоѓа во својот дом.

По само 6 години затвор за убиството на Мартин Нешковски Спасов е пуштен од затвор под неразбирливо образложение дека има потреба од домашно лекување.

Од друга страна тука се милионските тендери во здравството за кои е констатирана неправилност но одговорност нема. Нема одговор на прашањето како се случи тендер од 35 милиони евра да го земе фирма регистрирана само неколку месеци порано, а сомневањата се дека позади целата операција седи сопругот на една личност од најтесното раководство на СДСМ. Нема ниту одговори на прашањата како во случајот криминални иновации парите припаднаа само на фирми на луѓе од власта.

НетПрес: Убиецот на Мартин Нешковски пуштен од затвор

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top