| четврток, 6 декември 2018 |

По шести пат ДримОн во Струга

Под мотото „Култура сега!“ од 25 до 29 јули во Струга ќе се одржи шестото издание на фестивалот за процесирање култура ДримОН во организација на Иницијатива за независен културен активизам ИНКА.

Со ова мото, како што информираат организаторите, сакаат да упатат порака да не се запоставува културата и оти мора веднаш да се дејстува за нејзино издигнување од пепелта.

– ДримОН апелира за културни настани и во провинцијата, за кварт на култура во Струга, деметрополизација, современост, интердисциплинарност, интеркултура, уметничка автономија, за унапредување и оплеменување на културните институции, за право на култура до сите, изјави за МИА Кристина Тодороска – Петреска, претставник на организацискиот одбор.

Петдневната програма на годинашното издание, според неа, е богата со книжевни промоции, дискусии, музички концерти, театарски претстави, дискусии, изложби.

– Изданието се создаваше во соработка со клучните гласови од независната културна сцена, кои се заслужни за идејата да се превртат концептите на културните политики и да се постават нови постулати и стандарди насочени кон врвност, современост и европска вредност, истакна Тодороска – Петреска.

Фестивалот ДримОн е во организација на здружение Иницијатива за независен културен активизам ИНКА Струга, во копродукција со центарот за култура „Браќа Миладиновци“ поддржан од Министерство за култура, преку годишниот конкурс за интердисциплинарни проекти, како и од фондацијата Отворено општество Македонија, за проектот „Заедничка платформа за култура – култура до сите“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top