| четврток, 6 декември 2018 |

Субрата Рој стана почесен доктор на науки

Субрата Рој Сахара стана почесен доктор на економски науки на Универзитетот од источен Лондон (University of East London).

На специјална церемонија присуствуваа членови на семејството, претставници на универзитетот, голем број истакнати гости од деловната заедница, политиката и спортот.

– Овој настан за мене има големо значење. Оваа почесна награда оди во рацете на уникатен студент – студент на животот. Неговиот успех во Индија покажува дека секој успех може да биде не само локален, туку и глобален. Јас сум воодушевен од неговиот начин на бизнис и филозофијата на која се заснова неговата компанија – изјави ректорот на Универзитетот, Лорд Нун.

Титулата почесен доктор е резултат на неговата повеќедецениска работа како сопственик на една од најголемите компании во Индија. Рој е еден од 10-те најмоќни луѓе во Индија и основач на „Индија – Сахара Индија Паривар“ („India – Sahara India Pariwar“) од 1978 година.

– Субрата Рој е човек што константно придонесува во светот на бизнисот, спортот, за зајакнување на образованието и развој на општеството, особено со хуманитарните активности што постојано ги презема како групација – додаде професорот Лорд Пател за време на церемонијата.

Досега Рој има добиено неколку награди за градењето успешен бизнис во Индија. Тие ги вклучуваат „Нешонал ситизен авард“ („ National Citizen Award“) во 2001 година и Бизнисмен на годината во 2002 година. Рој во 2004 година ја добива наградата за глобално лидерство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top