| четврток, 6 декември 2018 |

Како Грција ја фалсификува(ше) македонската историја

vamvakovski-90x115

Колумнист: Димитар Љоровски Вамваковски

„Во оваа критична пресвртница на нашите национални проблеми, како министер за образование си земам за обврска, со помошта на Педагошкиот институт, да им дадам еднa поширокa информација на училишните општини за чувствителните теми и тоа, главно, на два начина:

1. Со директно издавање информативно издание за македонското прашање.
2. Со издавање една училишно-информативна книга за нашите национални проблеми“, ова е само мал дел од воведот на грчкиот министер за образование Георгиос Суфљас (1991-1993), министер во владата на Константинос Мицотакис. Станува збор за вовед од книгата „Македонија: историја и политика“ издадена во почетокот на деведесеттите години од 20, од страна на грчкото Министерство за национално образование и религија и на Педагошкиот институт.

Во суштина, овој чин претставувал класичен упад во образовниот систем на грчката држава, а со цел целосно спроведување на нејзината националистички агенда. Имено, станува збор за „информативна книга“ од 50 странци за историјата на Македонија од антиката до денес, со јасни насоки за тие за кои била наменета како соодветно да ја предаваат историјата во образовниот систем според националните гледишта.

Авторите на ова дело му препорачуваат на наставниот кадар по историја, кој, тоа,  секако, требало да им го пренесе на своите ученици, дека Грција се спротиставува да признае независна држава на својата северна граница под името Македонија.

Колку да се потсетиме, во почетокот на деведесеттите години на минатиот век во грчкото општество се појави повторен изблик на националистичка еуфорија, која покрај постојните нерешени проблеми со Турција и кипарското прашање, била резултат и на појавата на еден нов политички субјект на Балканот, македонската држава, во кој директно виделе „закана“ за својот „суверенитет и национален идентитет“. Биле мобилизирани сите сегменти од општествениот, политичкиот и од религиозниот живот во државата за да се покаже и докаже „грчката вистина“ за македонското прашање. Главен аспект на ваквата политика било негирањето на постоењето на македонските нација и историја, а како резултат на тоа и апсурдноста од постоењето на новата држава. Во таа насока била и споменатата активност за насочување на грчките просветни работници во толкувањето и во предавањето на историјата за Македонија. Во почетниот период главен иницијатор и двигател на ваквата политика била владата на десничарската Неа демократија, на чело со премиерот Мицотакис, во која, посебно околу македонскиот проблем, се истакнувал сегашниот премиер, а тогашен министер за надворешни работи Андонис Самарас.

Од друга страна, образованието е моќна алатка во рацете на државата околу креирањето на националната свест и кон насочување на перцепцијата на самите себе, но и на „другите“. Во Грција, како во минатото, така и денес, од клучно значење е апсолутното совпаѓање на националната со образовната политика. Во таа насока, најупотребуван сегмент од образовниот систем во реализирањето на националните цели е историјата. Таа, во грчката држава, е главен дизајнер во создавањето на митот за бесмртната грчка нација, која од Грците треба да направи „свет народ“, а од своите соседи „варвари“, кои не се доследни на соживот со нив. Па, така, и во овој случај историјата повторно, како моќно средство, била активирана за да ѝ послужи на националистичките цели на официјална Атина во докажувањето на грчкиот карактер на Македонија. Новите генерации Грци требало да бидат индоктринирани со „вистинската“ историја за Македонија, со цел лесно да можат да ги откријат „фалсификатите“ на своите северни соседи, но и да се создаде чувство на страв од постоење евентуален иредентизам и закана за територијалниот интегритет на грчката држава.

Како и да е, споменатата книга содржи два дела. (Македонија низ историјата и Македонското прашање во наше време) Првиот дел го опфаќа периодот од антиката до „ослободувањето на Македонија“ во балканските војни (1912-1913). Во него постои тенденција преку историски „факти“ да се покаже континуитетот и грчкиот карактер на Македонија од периодот на населувањето на древните македонски племиња, па сѐ до балканските војни, кои биле резултат на неколкувековните напори на „елинизмот за ослободување на Македонија“, кое, според авторите, бил „природен епилог“. Авторите на овој труд заклучуваат: „Вистината дека античките Македонци припаѓаат на грчкиот свет веќе е тешко да се негира“, при што своето тврдење го темелат на големиот број археолошки наоди, јазичните и културните анализи, а како најсигурен доказ за кажаното е „распространувањето на грчката култура и јазик во целиот тогашен познат свет од страна на Македонците на Александар Велики…“. Понатаму, обидувајќи се да го негираат значењето на Илинденското востание во борбата на македонскиот народ за ослободување од османлиската доминација, авторите тенденциозно вината за разурнувањето на голем број населени места (кои, според нив биле грчки, како, на пример, градот Крушево) по задушувањето на востанието ја префрлаат врз македонските востаници.

Книгата била наменета за сите членови на просветната заедница, учениците, просветните работници и за родителите, а, исто така, се предвидувало нејзино распространување во грчките училишта во странство и во училишните општини во дијаспората. Оттука, јасно се забележува целната група и сеопфатниот пристап на грчката држава во создавањето на историската свест за македонското прашање кај грчкиот народ.

Специфична карактеристика е промената во именувањето на населението што живеело во Македонија во текот на историјата. Тргнувајќи од грчката национална доктрина, во која се „тврди“ дека нема основа постоењето на македонската нација, авторите на ова дело тенденциозно употребуваат различни термини за одделни историски периоди. Така, на пример, во антиката се сретнува терминот Македонци, но со објаснување дека тоа означува територијална определба, додека тие потекнувале од грчките племиња, т.е. несомнено биле дел од елинофонската група. Во средниот век постои константно менување на термините, од Словени, Бугари, па сѐ до Срби (со проширувањето на средновековното српско царство во Македонија). За време на османлиската доминација прво се зборува за „христијанско население“ (тука се мисли, пред сѐ на славофоните Македонци), кое примило „грчка национална свест“, а со појавата на националните пропаганди на младите балкански држави авторите го именуваат македонското население како „Грци“, „Бугари“ и „Срби“, со објаснување дека поимот „Македонци“ означува „географска мисла на зборот и со тоа име се нарекуваат сите жители на поширокиот географски простор на Македонија“. Се разбира, ваквата „констатација“, која има за цел да ги негира процесите на националното оформување на Македонците, произлегува за периодот кога се појавува преродбенското и националноослободителното движење на македонскиот народ. Слична тенденција продолжува и по поделбата на Македонија во балканските војни, а крајната цел на авторите на ова дело била, и несомнено е, да потврдат дека македонската нација е „пронајдок на повоениот титоистички период“.

Според книгата, Грција не може да ја прифати употребата на македонското име за една словенска држава и словенско име. „Името ’Македонија’, ’Македонци’ и атрибутите што произлегуваат од него им припаѓаат само на Грците и на грцизмот“. Оттука, анализирајќи еден пример се поставува прашањето до кој степен младата популација во Грција се задојува со национализам, кој, несомнено, води кон создавање омраза кон своите соседи на север? Исто така, колку овие генерации Грци во иднина ќе бидат подготвени да ја прифатат фактичката реалност и дали, навистина, со вакви чекори е можно смирување на националистичката реторика – изјава што толку често е повторувана од официјална Атина?!?

(објавено во 1. број на неделникот „Република“, 7.09.2012)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top