| четврток, 6 декември 2018 |

Според Заев пола свет ќе треба да се откаже од дел од својата историја и таа ексклузивно да припадне на „Првата страна“

 Никола Србов

Во Македонија стана демоде да се зборува за историјата, власта велејќи да гледаме кон иднината решава прашања од историјата, мижејќи пред фактот дека таа иднина во иднина ќе биде историја која ќе се изучува и оценува.

Не сум стручен за стар век, мојот домен на интерес е новиот и најновиот век од историјата и меѓународната политика кои влијаат директно на сегашноста и иднината. За стар век имаме исклучителни стручни лица од кои и јас учев, не се многу на број но затоа се високоценети во светски рамки. Затоа, веднаш да ставам ограда дека не се мешам во туѓ двор, ќе напишам нешто упростено и логично, далеку од научно, од она малку што го знам.

По потпишувањето на договорот со Грција, каде во една од точките е предвидено разграничување на она што е хеленистичка култура од она што не е хеленистичка култура, што впрочем науката и досега го правела, власта ни соопшти дека конечно ќе се направело дистинкција помеѓу „хеленистичка Македонија“ и „нехеленистичка Македонија“, од кои, првата е грчка Македонија, а втората не е македонска Македонија туку ничија – сега наречена северна.

Бидејќи денеска во Македонија науката се смета за ретроградна не би сакал да навлегувам во дебати кои водат кон заклучоци за поврзаноста на современите култури со културите од стариот век. Тоа нека го прават други.
Неоспорлив е фактот дека до половината на четвртиот век п.н.е., до кризата на полисот, хеленската култура била на самиот врв од тогашниот свет. Наспроти хеленскиот свет стоел дијаметрално различниот староисточен свет.

Накратко ќе издвојам неколку сегменти бидејќи немам многу простор.

Хеленските полиси (градови-држави) имале засебно уникатно уредување, додека Хелените независноста на своите полиси ја третирале како нешто најсвето, како прашање на живот или смрт. Тие биле силно врзани за нивното уредување во кое поединецот како граѓанин на полисот бил вистинско политичко суштество кое свесно одлучувало за судбината на заедницата. Сѐ останато кое било надвор од полисот тие го сметале за недостојно бидејќи само во нивниот облик
на уредување кај поединецот можела да се роди свеста за слободата, политичка и лична, како највисок дострел на човекот. Во хеленскиот свет постоела приватна сопственост.

Стариот исток го карактеризира земја на огромни кралства со непрегледни маси на разнолико население и невидени богатства. Во источните држави човекот не знаел што е политичка свест и слобода, тој бил потчинет на владетелот кон кого се однесувал и се обраќал како кон божество.

Целата земја, се што постоело на нејзе и под нејзе, било сопственост на владетелот. Овие два света меѓусебно се допирале, претежно преку трговијата. Хеленската култура својот расцут го доживеала после грчко-персијските војни кои се одвивале од 490 до 479 г. п.н.е. и истите имаат епохално значење за историјата. Блескавите победи на
Хелените извојувани на Маратон, Саламина и Платеја, ја кренале самодовербата кај Хелените додека нивната култура станала уште повлијателна и попримамлива за останатиот свет. После блескавите победи, во очите на нехеленските држави и народи, хеленската култура, уредување и поглед кон светот, изгледале супериорно и нешто кон што треба да се тежнее. Истото се случува и денес кога една земја или идеја носи победа, истото се случи и по крајот на Студената војна во која Западот ја однесе победата.

Општопознато е дека во стариот век Хелените биле најавлијателните трговци кои комуницирале со целиот свет. Трговска сила каква што биле хеленските полиси не би била супериорна доколку не поседува трговски колонии, па така, Медитеранот бил преполн со хеленски трговски колонии.

За да ја сфатиме моќта на хеленското влијание во стариот век ќе набројам неколку точки каде постоеле хеленски трговски колонии. Почнувајќи од Пиринејскиот Полуостров и тамошната колонија Ликсос, преку колониите на азурниот брег, протегајќи се по Апенинскиот Полуостров и Сицилија, по Картагина во Северна Африка, ширејќи се кон Одеса на Црно Море, Херсонес на Крим, се до Мемфис во Египет и трговските колонии на источниот брег од Средоземното Море. Со ваков потенцијал и сила хеленската култура и јазик молскавично се ширеле меѓу народите.

Хеленскиот јазик станал јазик на трговијата и неговото познавање станало неопходно за државите и нивните власти за да можат да тргуваат. Јазик на трговијата денеска се нарекува светски јазик и во различни епохи постојат различни светски јазици, денеска таков е англискиот и неопходно е сите да го познаваме.

За сето ова време Македонија се развивала независно и настрана од случувањата помеѓу хеленските полиси и Персија. Таа била континентална земја. Македонија имала различно уредување од полисите но и од она во Персија. Во петтиот век п.н.е. Македонија немала развиена инфраструктура, немала развиени градови, нејзиното стопанство било во застарен облик и водела исцрпувачки војни со северните соседи што го забавувало нејзиниот напредок. Во времето на владеењето на Архелај, кој е познат како првиот градител на Македонија, започнало да се гради инфраструктура, се издигнувале градови кои инфраструктурно се поврзувале со соседните земји.

Така Македонија започнала да се отвора кон надворешниот свет со што се доближувала кон хеленската култура. Приближување кон нечија култура не значи идентитетска припадност или исчезнување на својата култура. ние денеска сите сме дел од западната култура а сепак сме Македонци, Грци, Бугари, Срби, Французи, Германци, итн.

Мешањето на трите култури: хеленската, македонската и персијската, изродило една нова тогаш општоприфатена култура, во историографијата наречена „хеленистичка култура“.
Факт е дека Александар Македонски ја има направено првата глобализација во светската историја. Тој ги мешал културите без насилно наметнување. Но, во глобализација, и тогаш како и денес, најмногу се шири културата која во моментот е на највисокото ниво, денеска тоа е западната култура која е мешавина од културите на повеќе народи, тогаш била хеленистичката која, како што напоменав, исто била мешавина од повеќе култури и народи. И ова се несоборливи факти.

По смртта на Александар започнува хеленистичкиот период кој траел сѐ до потпаѓањето на последната држава од територијата на некогашната империја под римска власт, поточно, со паѓањето на Египет и Птолемаидите под римска власт. Државите кои настанале на територијата на
некогашната империја која ја создал Александар македонски не биле хеленски држави, се нарекуваат хеленистички бидејќи во нив сѐ уште била жива глобализацијата извршена во време на Александар.

Терминот „хеленизам“ во современата наука прв го употребил германскиот научник Јохан Густав Дројзен во триесетите години од минатиот век, сакајќи да ја одбележи новата епоха во историјата на источното средоземје која започнала со освојувањата на Александар Македонски.

Зборовите „hellenismos“ и „hellenistes“ кои послужиле за образување на терминот „helenizam“, во античките извори се забележани неколку пати. Глаголот „helenizo“, од кои се направени овие зборови, во антиката значел „зборува како Грк“. Во грчкиот превод на Стариот завет од почетокот на lll век п.н.е. (Septuaginta), зборот „hellenismos“ има значење на „имитирање на хеленскиот начин на живеење“. Имитирање начин на живеење на друг народ не значи етничка припадност кон тој народ туку прифаќање на вредностите и начинот на живеење, денеска речиси сите земји и народи „имитираат“ начин на живеење и уредување кое го сметаат за соодветено. Денеска сите сакаат скандинавски стандард или американска демократија и ги „имитираат“. Ова се прости примери. Додека „зборува како Грк“ асоцира на некој кој не е Грк а зборува, или знае да зборува како Грците. Денеска некој кој зборува како Англичанец не е Англичанец туку добро го владее светскиот јазик – англискиот.

Во што е поентата во сево ова?
Според логиката на нашата Влада и според договорот кој Заев и Димитров го потпишаа со Грција, сите денешни држави кои се наоѓаат на територијата на некогашната империја на Александар Македонски ќе мораат, како во случајот со Македонија, својата историја да ја поделат на хеленистичка и нехеленистичка и притоа делот од хеленистичката историја да ѝ го отстапат исклучиво на денешна Грција а тие самите да кажат дека во тој период не постоеле. Според ваквата логика, денес од својата историја треба да се откажат: Сирија, Израел, Либан, Јордан, Египет, Ирак, Иран, Авганистан, Пакистан, Индија итн.

Според логиката на нашата Влада, во иднина кога ќе се пишува историјата за денес, сите луѓе кои денес говорат англиски ќе треба да се третираат како дел од англиската историја и по националност некој историчар да ги заведе како Англичани. Лудо нели? Таков е и договорот, луд.

Понатаму, сите кои денеска гледаат амерички филмови, јадат хамбургери, носат џинс, пијат кока- кола, слушаат америчка музика, итн итн, според Заев за еден век тие ќе треба да ги запишат како Американци. Или оние кои говорат странски јазик, на пример, Германски како Германци, Руски како Руси, Француски како Французи. Ептен лудо нели? И договорот е таков, ептен луд.

Има уште многу да се зборува на темата…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top