| четврток, 6 декември 2018 |

Ангели на хипокризијата

 Предраг Димитровски

„По четириесет години повторно се вратив на местото од моето детство и мојата прва младост. Поточно во тој Остров во пеколот на детството. Бидејќи моето детство и детството на моите другари беше како пекол, за што и самите ќе се уверите, кога ќе ја прочитате оваа книга.
Впрочем, четири десетлетија не сум го видел Детскиот дом каде што сум поминал повеќе од пет години. И сега немаше да го видам. Имено, секогаш избегнував да го видам тоа место, за да не се отворат старите рани. Зашто раната на телото зараснува, но раната на душата останува вечно незарсната, и доволно е само малку да се чепне по неа, таа веднаш ќе прокрвари…“.

Ова е почетокот на романот „Ангели на прогонството“ на авторот Паскал Гилевски, една потресна приказна за, како што самиот вели, плипот деца откорнати од својот дом и насилно преселени во други домови, во туѓи земји, далеку од своите родители и роднини, грубо оттргнати од рајот на детството и фрлени во еден своевиден детски пекол, од каде што постојано сонувале да побегнат, да се спасат и да се вратат во родниот крај. Погодувате, станува збор за горчливата судбина на илјадниците деца бегалци од Граѓанската војна во Грција, кои деновиве, оние живите или нивните директни наследници, ја одбележуваат 70-годишнината од егзодусот.

Ееее, да може да говори немиот споменик во скопскиот Парк на жената, којзнае што се би ни раскажал. А, богами и има што да каже. На пример, дека токму на денот добивме нови ангели. Ама не на прогонството. Сега ангели на хипокризијата! Да, да, на хипокризијата и лицемерието. И тоа од највисокиот законодавен дом, од Собранието на се уште Република Македонија. Зашто, собраниска делегација од владејачката коалиција се одважи дрско, безобразно, бескрупулозно да постави венец на Споменикот на децата бегалци! Без грам усул и без чувство за било какви етички и морални норми!

Зошто? Едноставен е одговорот. Истите тие, што во два наврати кренаа рака за да го ратификуваат договорот со Грција, со кој, покрај другото, се брише цела една историја на македонскиот народ, сега се прават дека „не се од овде„! Како ништо да не сториле и како ништо да не се случило! Како со своите кренати два прста да не го избришале и егзодусот на децата бегалци, како тие страдања на илјадници деца никогаш да не се случиле! Што е многу, многу е, па и од обични народни избраници, кои во трката за дневно-политички поени не знаат ни за срам, ни за перде, ни за совест, а за образ и да не говориме. Ѓон, квалитетен, чист италијански, ала „Џино Кори“ (простете за бесплатната реклама). А, можеле барем за миг да помислат и да го постават прашањето за имотите на претците на децата бегалци, за враќање или за обесштетување, за елиминирање на дискриминацијата со која со децении се соочуваат и борат.
По ова, којзнае колку ли само коски по знајните и незнајните гробови расфрлани низ сите страни на светот се превртуваат, колку ли солзи немо се лизгаат по лицата на живите деца бегалци или на нивните директни потомци. Избришани од историјата, избришани и од иднината! За никогаш да не се пишат како Грци по род и за навек да останат Македонци. Во Македонија. „Зашто, раната на телото зараснува, но раната на душата останува вечно незарсната, и доволно е само малку да се чепне по неа, таа веднаш ќе прокрвари…“. А, пратеничката совест, несовест? Ќе проработи, кога-тогаш, порано или подоцна. Ама, ќе пече, како што знае само таа.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top