| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на книгата „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски

На 25 јули (среда) со почеток во 19 часот ќе биде промовирана збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски  во центарот на автентичната скопска населба Ново маало – која е во фокусот на авторот Плавевски. Тој ќе оствари средба со своите новомаалци со кои ќе се потсетат на животот и луѓето од старо Скопје и некогашно Ново маало.

Следниот ден, на 26 јули, во 19 часот, „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде претставена и во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Промотор ќе биде Мојсо Мојсовски, новинар и долгогодишен уредник на Дневникот во Македонското радио, a извадоци од расказите ќе чита актерката Снежана Конеска-Руси.

Со овој настан во книжарницата ќе биде одбележана 55-годишнината од скопскиот земјотрес.

Во оваа збирка ќе ги прочитате носталгичните и емотивни реминисценции за едно одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент.

За жал, или за среќа, ќе рече авторот, Ново маало сè уште постои и е речиси исто и непроменето како и пред седумдесет години – времето кога расказите содржани во оваа книга биле реалност. Ново маало своевремено било центар на светот за новомаалците, микрокосмос од кој почнува и завршува сè. Таму се зборувал локален, маалски јазик и имал свое наречје, различно од тоа на соседните маала, поради што неретко луѓето не се разбирале меѓусебно. Маалската гордост ја чувале маалските банди, секогаш закрвени со тие отспротива. И покрај скудниот начин на живот, маалските улици ечеле од детскиот џагор и нивните необични игри.

Владимир Плавевски е роден во 1948 година во Скопје. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1974 година. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година. Во своето долгогодишно и богато творештво, автор е на многубројни сценарија за ТВ-серии, филмови, радиодрами, драмски текстови, раскази и романи. Во 2013 година, ја доби наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за романот „Јадица“.

Книгата „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ премиерно беше претставена во рамките на 30. издание на Саемот на книга, на штандот книжарницата „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top