| четврток, 6 декември 2018 |

Ново издание на манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца

Со отворање на изложбата на уметнички дела на публицистот и екологист Свето Стефановски и со настап на музичкото дуо ДИС, вечерва (20 јули), во Трпејца, почнува седмото издание на традиционалната културно-забавна манифестација „На зајдисонце“.

Следните денови во блокот културни настани ќе следат: традиционалната Променада со кајче по Езерото со ученици од ОМУ „Методи Патче“ од Охрид и театарската работилница „Театар на отворено“ со актерката Марија Новак.

Во понеделник на 23 јули, пак, за прв пат ќе се одржи и поетска вечер насловена како „Поетите за езерото и водата“. Автор на овој поетско – музички перформанс е Марина Димовска која го направи изборот на стиховите што ќе ги интерпретира пред публиката на сената во Трпејца. Зад оваа идеја застана и НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, која подржувајќи ја заложбата за популаризација на книжевноста на дел од посетителите – вљубеници во пишаната реч ќе им подари по една книга од автори кои своите дела и ги донирале на установата. Димовска на гитара ќе ја придружува Филип Неделкоски.

Ќе се одржи и проекција на документарецот „Од Трпејца преку Св. Заум до Св. Наум“ од Томе Љушев – Шпанец, целовечерен концерт на ансамблот „Билјана“, КУД „Фолклористи“ од Лескоец и градскиот хор VOX LICHNIDOS од Охрид кој ќе пее под диригентската палка на Бурим Хидри, групна изложба на фотографии, школа за цртање со уметникот Слободан Пупиноски, онаа за шах и турнирот во организација на клубот „Ласкер“ од Охрид, натпреварот во фаќање риба на јадица, кајакарската регата „Номче Митрески“ и годинава за првпат малиот пливачки маратон како замена за школата за пливање за која од оснивањето на манифестацијата е задолжена познатата поранешна пливачка, сега тренер Соња Думбалоска – Делова, а туристите заедно со домаќините на последниот ден од манифестацијата да имаат заеднички излет по стариот турски пат кој ја поврзувал Трпејца со Свети Наум.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top