| четврток, 6 декември 2018 |

Новинарите континуирано под закани од власта!

На претставниците на СДСМ устите им беа полни со изразите: слобода на медиуми, слобода на изразување, професинални стандарди … Но, откако владата ја предводи СДСМ, се гледа нешто сосема поинакво или пак тие поинаку ја сфаќаат слободата?!

Новинарите практично континуирано се под закани од власта. За тоа говорат низата на инциденти. Последен е оној во средата вечерта на лидерската средба свикана од премиерот Зоран Заев. Пред почетокот на истата кога пристигнуваат партиските претставници, на фоторепортерите не им беше дозволено фотографирање. И не само тоа, следеа и закани од раководителот на владината служба за односи со јавност, Марјан Забрчанец „Единаесет години ве газеа, ќутевте, а сега ли најдовте да зборите“.

По овој инцидент предизвикан од претставник на владата на СДСМ, реагираат Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, како и од еснафските здруженија.

– По реакцијата на дел од фоторепортеритена кои за време налидерската средба на политичките партии во Клубот на пратеници, не им беше овозможено да си ја вршат слободно својата професионална задача, Агенцијата апелира дека треба да се најде соодветен начин, на медиумските работници да им се овозможи слободен пристап до сите настани што се од јавен интерес дури и во услови кога се воспоставени посебни безбедносни мерки, се наведува во соопштението од Агенцијата.

Оттаму посочуваат дека зачувувањето на достоинството на новинарската професија е особено важно и од тие причини е неприфатливо арогантно и недолично однесување кон претставниците на медиумите.

Инцидентот го осуди и Здружението на новинарите на Македонија констатирајќи дека ова е директен напад врз слободата на медиумите.

– Ако имало безбедносни причини за воведување на нова практика на следење на јавни настани тогаш полицијата навремено требало да ги извести фоторепортерите и снимателите за тоа и да обезбеди алтернативен начин на покривање на настаните со ваков безбедносен ризик без да се предизвика забуна и нервоза, се вели во соопштението од ЗНМ.

Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија побара Владата итно да ја испита ситуацијата во која тројца фоторепортери биле оневозможени да работат и при тоа биле изложени на ароганција и непримерно однесување од страна на преставници на власта,а под изговор на „безбедносни проценки“ на почетокот на лидерската средба.

Македонската асоцијација на новинари пак го повика министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски да ја провери подготвеноста на полицајците кои го обезбедуваат премиерот Зоран Заев, а од претседателот на Владатада ја провери, како што наведува, „подготвеноста на советникот Марјан Забрчанец да ја извршува својата работа“.

Кон крајот на јуни минсистерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан пак на својот Твитер профил распали по националната сервис, МРТ.

– Првпат откако сум министер јавно ќе кажам мое мислење. МРТВ е срам, дно и целосно под политичка контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Македонија нема јавен сервис на граѓаните, напиша Манчевски на Твитер.

Во низата напади, навреди и закани, во март годинава се случи заканата кон претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. Високиот владин функционер, Бекир Асани му се закануваше на Селмани поради неговиот пост на Фејбук профилот во кој го коментираше случајот со повредената полицајка од страна на Асани. Контроверзниот Асани очигледно ужива углед на недопирливост и неказнивост, а неговите навреди и закани упатени кон Селмани имаа цел да ги заплашат сите новинари.

Но ароганцијата, наводната грижа за слободата на медиумите и слободата на изразување немаат крај.

Во февруари претставник на МНР за време на прес-конференција на посредникот Метју Нимиц се обиде да го спречи новинарот на ТВ21, Фуркан Салиу, да постави прашање, по што следеа и закани дека ќе му биде за одземена неговата акредитација.

Голем апсурд е судската пресуда од почетокот на годинава со која се казнува неделникот „Република“ со парична казна, а директорот и сопственикот со условна казна затвор, без ниту едно одржано рочиште.

За потсетување, медиумот е казнет за текст за кој прво е одредена глоба од страна на Дирекцијата за заштита на лични податоци, за потоа, истиот случај да добие и судската пресуда со парична казна, а Доне Доневски, директор и сопственик доби условна казна затвор, и тоа како што тврди тој без ниту едно одржано рочиште.

Ваквиот начин на постапување не може да се толкува поинаку освен како политички и судски преседан за вршење притисок.

Правниците коментираат дека ваков случај досега воопшто не било дел од судската пракса бидејќи за исто дело медиумот веќе добил прекршочна казна изречена од Дирекцијата за заштита на лични податоци, која е веќе платена.

Со овој случај беа запознаени и меѓународните претставници во земјава, Народниот правобранител, Здружението на новинари, Синдикатот на новинари, како и Советот за етика во медиумите.

Интересно е што посочените лица, во текстот со наслов „6.000.000 евра за платеничката војска на СОРОС“ не ја негираат содржината на текстот, ниту пак информациите кои се објавени. Тие не поднеле тужба за клевета и навреда. Туку, проблематично било што посочувањата во текстот се поврзани со име и презиме на личности, кои всушност имаат јавни функции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top