Меѓународниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, што годинава се одржа по 16-ти пат во Ресен предизвика огромно внимание во културната и општествена јавност не само во регионот на Балканот туку и пошироко во Европа, наметнувајќи се како своевиден фестивалски хит. Рекациите во медиумите, со високи оценки за организацијата и понудената фестивалска програма, не стивнуваат во овие десетина денови од завршетокот на оваа по многу нешта единствена манифестација.
Истакнатиот француски театарски деец Жорж Бани, претседател на Светската асоцијација на театрски критичари, во списанието на Институтот за театар на Сорбона напиша дека Фестивалот е уникатен по својата идеја да ја валоризира индивидуалната театарска одисеја на своите протагонисти како градители на европската цивилизација.
Сосема невообичаено реномираниот грчки портал „Авги“во својот осврт со најпофални зборови го оценува фестивалот „Актерот на Европа“ посочувајќи го како редок светол пример на доближување меѓу балканските земји со првиот манифест на Фестивалот објавен од Жак Ла Кариер во париски „Фигаро“ и продолжен со познатата балканофилија на Јордан Плевнеш која ги трансформира балканските безизлези во уметнички достоинства.
Десетина најугледни албански медиуми меѓу кои Националната телевизија, потоа Топ каналот, исто така објавија реакции за Фестивалот истакнувајќи ја неговата суштина – да се покаже обединувачката моќ на уметноста меѓу народите и традициите, како и повеќе интервјуа со Лаерти Васил, годинашен добитник на наградата „Актерот на Европа“ од натпреварувачкиот дел за светската премиера на монодрамата „Агамемнон Инферно“,работена по мотиви на Исмаил Кадаре.
Одгласи за фестивалот се објавени и во повеќе медиуми во Косово, Србија и Бугарија, а осбено впечатливо беше претставувањето на фестивалот во престижни медиуми во Босна и Херцеговина како што се ТВ Ал Џезеира,потоа неделникот за култура и политика „Став“ и други кои наградата за животно дело „Актерот на Европа’ на босанската актерка Селма Алиспахиќ ја вреднуваа како висок чин, на тоа дека во време во кое Балканот е споменуван во медиумите на светот како поле на политички криминал и корупција уметноста го брани како поле на взаемно разбирање и соработка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.