Во присуство на шефот на грчката дипломатија и неговите заменици, американскиот амбасадор во Атина, професори, амбасадори, новинари, во грчкото МНР се дискутира за Договорот од Преспа, но не од политички, туку од правен и академски аспект, јави дописничката на МИА од Атина.
Професорите кои учествуваат на конференцијата, составена од 4 дела со различни теми, ги разгледуваат практичните, историските, правните, но и економските аспекти на договорот меѓу Македонија и Грција.
Официјалниот почеток на конференцијата го означи заменикот министер за надворешни работи ко рече дека дискусијата е во рамките на напорите за имплементација на договорот од двете земји и порача дека поглавјето за промена на границите на Балканот треба конечно да се затвори.
– Судбината на балканските народи е заедничка и единствен начин за решавање на проблемите е соработката и солидарноста. Треба конечно да се затвори болното поглавје за промена на границите, рече заменикот министер за надворешни работи Теренс Квик.
Христос Розакос, претседателот на научниот совет на грчкото МНР, кој од оправани причини беше отсутен, во неговиот поздравен говор, што го прочита еден од професорите, вели дека договорот воопшто не е на товар на грчките државни интереси, а со одредбите од договорот ќе започне нов однос меѓу двете држави
– Договорот содржи и детални одредби за надградување на дипломатските односи и соработката на двете држави во рамките на меѓународните и регионалните организации, за политичка и општествена соработка. Економска соработка, соработка во областа на образованието, на културата, истражувањето. технологија, здравство и спортот, во полицијата, цивилната заштита и одбраната, вели претседателот на научниот совет на грчкото МНР, што воедно е и организатор на конференцијата.
Првата сесија беше посветена на историската и правната позадина на договорот каде што двајца професори по историја и двајца професори од грчките правни факултети говореа на конкретната тема.
Професорот по историја Јаковос Михаилидис, рече дека македонското прашање е старо околу 150 години и има 4 фази. Првата е од 1870 до крајот на крајот на Првата светска војна, како грчко бугарски спор. Втората фаза е од 1919-1939, третиот период е од Втора светска војна – до распаѓањето на Југославија, а четвртата и последната фаза е од 1991 до денес, кога спорот станува „идентитетски проблем, конфликт на идентитети меѓу ПЈРМ и Грција“.
Професорот од правниот факултет на Универзитетот Тракија, Константинос Андонопулос, направи споредба на двата договори меѓу Скопје и Атина, Времената спогодба од 1995 и Договорот од Преспа.
Во првата, како што рече постои привремено име, но паралелно се користат повеќе имиња, на пример едни го користат уставното, Република Македонија, други поранешна југословенска Република Македонија, додека пак Договорот од Преспа дава едно, конечно име.
На името и употребата на името беше посветена втората сесија на конференцијата. Професорот од правниот факултет на солунскиот Универзитет, Милтос Саријанидис се осврна на значењето на ерга омнес и рече дека промената на документите кај нас се поврзува со европскиот пат на земјата и отворањето на поглавјата за интеграцијата во ЕУ, процес, кој, како што рече би можела да трае и 2 децении.
– Употребата на терминот Македонија во официјалните документи на поранешната југословенска Република Македонија се проширува на еден особено долгогодишен период на усогласување, што ќе зависи од напредокот на пристапните преговори, а со тоа и од расположението на другите членови на Европската унија, да го спречат или забрзаат отворањето на нови поглавја, рече професорот Саријанидис.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, конференцијата продолжува со останатите 2 дела, сесиите за прашањата поврзани со имплементацијата, на Договорот и државјанството и јазикот, а ќе заврши вечерва, со обраќање на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој ќе говори на тема „Оценка на Договорот од Преспа и стратешка имплементација“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст