| четврток, 6 декември 2018 |

Зоран Заев судски сака да ја укине или контролира опозицијата

Целосниот дебакл на саботните прослави фрли ново светло на актуелниот распоред на силите на политичката сцена во Македонија. Сеприсутноста на Зоран Заев и највисоките партиски функционери во медиумите и континуираното бомбардирање на јавноста со извонредниот успех за наводните покани за членство во ЕУ и НАТО, не само што не беа доволно уверливи за јавноста да го заборави договорот со Грција, туку предизвикаа и контраефект. Граѓаните одлучија да останат во своите домови и да не и дадат легитимитет на политиката на Заев исполнета со манипулации. Владата организираше 15 прослави, потроши околу 200.000 евра, ги собра познатите имиња на македонската естрада, но граѓаните не дојдоа. Ќе остане во меморајата видеото од поединецот во Охрид кој сам си прославува на техно звуците од бината.

МРТВ го откажа преносот и со тоа голем дел од јавноста и не виде што точно се случи, но пораката беше испратена, а по се изгледа и примена од страна на власта. Граѓаните не се наивни и веќе не поминуваат ветувањата за живот, за плати од 500 евра, за враќање на ДДВ или нови 600 километри автопат. Граѓаните очекуваат резултати и исполнување на ветеното, а тоа воопшто го нема иако помина повеќе од една година од доаѓање на власт на Зоран Заев. Нема ниту 100.000 денари за докторите, но затоа има енормно зголемена акциза на горивото, има економски раст од фантастични 0,1 отсто, и штетни договори со Грција и со Бугарија. „Остварувања“ на Заев за кои што никој не гласал.

Стравот од опозицијата го радикализира Заев

Брифинзите од структури од СДСМ говорат дека саботните видеа и фотографии кои пристигнале од градовите најблаго речено биле примени со неверување. Еуфоричните соопштенија од владата не успеаја да ја покријат општата перцепција дека медениот месец на Заев не само што заврши, туку веројатно поголемиот дел граѓаните кои му ја дадоа довербата веќе почнале и бракоразводна парница со СДСМ.

Оттаму, воопшто и не зачудува фактот дека Заев почна да бега од било каков компромис. Свесен е дека довербата тешко се добива, а лесно се губи и дека патот по кој тргна е во еден правец. Изборот со кој што се соочува доколку сака да се задржи на власт се сведува на поддршка од граѓаните или обид за истребување на опозицијата и спротивното мислење. Во случај кога првото го нема, веројатно и решението кое го гледаат не е тешко да се претпостави.

Затоа, деновиве почна нова операција од медиумите блиски до власта каде што спроведувањето на договорениот концепт за финансирање на политичките партии би се толкувал како наводно барање за амнестија на некаков криминал и неговото одбивање би добило поширока поддршка.

Вистината всушност е многу далеку од ова

Сите правни експерти, адвокати и судии кои ги консултиравме, практично без исклучок, имаат забелешки во однос на актуелниот Кривичен Законик. Општа констатација е дека истиот е конфузен, недефиниран и остава простор за различни аршини и негова злоупотреба.

Самиот член 353 во кој е опфатена злоупотребата на службената положба и овластувањата прешироко го дефинира поимот службено лице. Имено, дефиницијата овозможува и одговорни лица во политичките партии да се сметаат како службени лица, иако политичките партии не се државни органи. Самиот член не ги дефинира прецизно поимот „поголема“ имотна штета или имотна корист, а предвидува повисоки казни. Затоа, прилично е спорна и самата основа врз која што се водат предметите на СЈО против ВМРО ДПМНЕ, во кои што ниту е утврдена противправна имотна корист кај некого, ниту пак има некаква имотна штета. Во минатото и СДСМ беше обвинувана дека подигнувала банкарски кредити и ја финансирала кампањата од сомнителни приходи, но органите на прогонот не покренаа никаква постапка. Сега Заев од позиција на власт се чувствува прилично комотен и сигурен дека клиентелистички расположените судии не би се осмелиле да покренат постапка против неговата партија.

Истото се однесува и на членот 165-а кој предвидува драконски казни за одговорните лица што постапувале согласно партиските одлуки, а истовремено за правните лица предвидува само парична казна.

ВМРО ДПМНЕ, или која било друга опозициска партија, може да добие забрана за работа до 20 години
Ваквите недоречености во законите практично му оставаат широк простор на Зоран Заев за извршување на притисоци и уцени и врз ВМРО ДПМНЕ и врз која било партија од опозицијата која што би ја гледал како сериозна закана за изборите. Тоа во превод значи дека Зоран Заев преку судот може да издејствува забрана за дејствување на ВМРО ДПМНЕ или која било помала опозициска партија во времетраење од 2 до 20 години. Медиумите блиски до власта и аналитичарите од штабот на Заев ова го толкуваат како барање за амнестија, но во ситуација кога судии изрекуваат ослободителни пресуди за Зоран Заев за чист случај на поткуп во кој што целата јавност виде како бара пари за себе и за црквата, а сведокот тоа го потврди, повеќе од јасно е дека приказните на власта не се за верување.

Затоа познавачи на политичките состојби, кои во моментов не сакаат да се експонираат јавно, велат дека не станува збор за некакви мегаломански барања на ВМРО ДПМНЕ во преговорите со СДСМ. Напротив, барањата за нов концепт на финасирање на политичките партии и утврдување на „пржинската влада“ како траен законски принцип се само обезбедување на фер терен за натпревар меѓу власта и опозицијата, а не ставање во подредена позиција на власта. Кристално јасно е дека во ситуација во која Заев сеуште ја има поддршката од меѓународната заедница околу договорот со Грција, дека таков притисок од ВМРО ДПМНЕ би бил невозможен. Затоа толкувањето на аналитичарите е во насока на тоа дека Заев е загрижен за губењето на поддршката од граѓаните и веројатно под притисок на страв одлучува преку медиумите да испраќа лажни пораки и брифинзи за наводна амнестија.

(извор – Нетпрес)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top