| четврток, 6 декември 2018 |

Министерот за култура се сретна со амбасадорот на Италија Карло Ромео

Министерот за култура Асаф Адеми денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Карло Ромео. На средбата, двајцата соговорници се осврнааа на досегашната соработка во областа на културата и разговараа за идните активности со кои би се продлабочиле културните врски меѓу двете земји. Министерот за култура ја нагласи одличната соработка помеѓу Министерството за култира и Амбасадата на Република Италија во Република Македонија која во изминатиот период се карактеризираше со реализација на многубројни проекти и гостувања на македонски и италијански уметници на манифестациите во двете земји.

Република Македонија и Република Италија негуваат одлични односи во областа на културата. Потпишана е четврта по ред, Програма за соработка во областа на културата, образованието и науката меѓу Република Македонија и Република Италија за периодот 2016-2019 година со која на годишно ниво се конкретизираат активностите кои ќе се реализираат.

Размена на проекти и уметници постои во сите дејности од културата, во областа на заштитата на културното наследство, драмската, издавачката и ликовната дејност. Изразена соработка има и филмската дејност, каде е потпишан Договор за развој на копродукциски проекти меѓу Генералната Дирекција за филм при Министерството за културни добра и културни активности на Република Италија и Агенцијата за филм на Република Македонија.

Во 2018 година, Министерството за култура поддржа повеќе активности за промоција на македонската култура во Италија и тоа: Македонската oпера и балет ќе гостува во Лече; македонските пијанисти Петар Макариевски и Дани Жоговска ќе настапат на сцените во Рим, а Инес Неделковска ќе учествува на меѓународен натпревар за млади музичари во Бари. Меѓу другите настани, ќе има и ликовно претставување во Трст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top