| четврток, 6 декември 2018 |

Николоски: Колку дечиња можеше да испрати власта на годишен одмор со 180.000 евра потрошени на бесцелна журка?

-Во саботата гледавме еклатантно расипничко трошење пари на граѓаните од државниот буџет со организирање прослави кои, покрај тоа што немаа повод, беа и целосно неуспешни. За нивната политичка и економска неоправданост се говореше доволно, првата може да е субјективна, но втората, економската неоправданост, е егзактна- пишува за Независен весник, Александар Николоски.

Од владината служба добивме известување дека биле потрошени 180.000 евра, сума која можеби е неколкукратно повисока, но тука ќе се држам до официјалните бројки, сè што е над нив би било уште потрагично.

Што може да се направи со 180.000 евра? Или, колку чини една пропадната журка на Заев?

Според податоците на Евростат во однос на тоа кои од жителите на Европа колку можат или не можат да си дозволат 7-дневен годишен одмор, граѓаните на Република Македонија се на дното. Во Република Македонија над 70 отсто од граѓаните не можат да си дозволат годишен одмор во траење од повеќе од седум денови. Граѓаните вообичаено одат на куси викенди или своите годишни одмори ги поминуваат во својот дом.

Анкетата на „Фајненс тинк“ спроведена лани покажува поразителни резултати за сиромаштијата во Македонија до тој степен што дури 78 отсто од населението не може да си дозволи секој месец да купи барем едно парче нова облека. А 69 отсто од граѓаните не можат да си дозволат да одат барем еднаш годишно на одмор или патување.

Доколку едно македонско просечно семејство реши да оди на годишен одмор задолжувањето е неизбежно. Анкетите велат дека кај 30 отсто од Македонците задолжувањето за годишен одмор е задолжително.

Во минатото средствата, кои сега се трошат расипнички за билдање на партиски рејтинзи, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги насочуваше за бесплатен годишен одмор на деца кои доаѓаа од семејства корисници на социјална помош. Пресметајте колку дечиња кои не можат да заминат на годишен одмор ќе можеше да ги испрати власта со потрошените 180.000 евра на бесцелна журка.

Или пресметајте колку пензионери ќе беа испратени на бесплатна бањска релаксација со овие 180.000 евра.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ испрати повеќе од 12.000 дечиња на годишен одмор, а 32 000 пензионери го искористија правото на бесплатна бањска релаксација. Денеска истите тие пензионери беа носени на техно-журка организирана од Заев. Целта на тој проект беше следната: развивање на психомоторниот развој на децата и способност за договарање, почитување на разликите и соработка во групи, способност за прифаќање на себеси и другите и ориентација во просторот.

Владата на СДСМ не е во состојба да ги искористи парите од буџетот на никакви капитални инвестиции и проекти кои ќе бидат од корист за граѓаните, катастрофалната реализација на буџетот е уште еден показател дека оваа влада нема визија и наместо конкретни проекти троши 180 000 евра на ,,прослави“. Владата треба да се разбуди од сонот, не е време за славење време е за работа. 300.000 работници кои работат во приватниот сектор воопшто не користат годишен одмор што им следува согласно закон. Постои пракса во приватниот сектор да не се почитуваат законите, па поради тоа половина од работниците во Македонија воопшто не користат годишен одмор.

Толку чинат журките на Заев, стотици насмеани детски лица, напиша Николоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top