| четврток, 6 декември 2018 |

Илон Маск му се извини на нуркачот-спасувач, а овој најави дека ќе го тужи

Техномилијардерот Илон Маск му се извини на британскиот нуркач што учествуваше во спасувањето на децата во тајландската пештера, кого претходно го нарече „педофил“.

Маск се правда

Се почна кога милијардерот понуди своја подморница како помош при извлекување на децата, за којашто повеќето стручни лица, меѓу кои и нуркачот Вернон Ансворт рекоа дека е неупотреблива во тие услови.

Потоа Маск реагираше на Твитер, каде напиша дека подморницата е тестирана и дека нема сомнеж дека може да се употреби, при што го нарече Ансворт – педофил.
Потоа нуркачот најави тужба против Маск, откако британски и американски адвокати му понудиле помош за процесот.
Маск се правда дека тој тоа го напишал во лутина.

– Господин Ансворт рече неколку невистини и ми сугерираше да имам сексуални односи со подморницата што ја направивме заради помош и по инструкции на стручно лице. Како и да е, неговото однесување не ја оправдува мојата реакција, па му се извинувам на г-н Ансворт – истакна Маск.

Тужба

Милијардерот се најде на удар на критиките откако британскиот нуркач, кој беше клучен во спасувањето на децата од пештерата во Тајланд, го нарече педофил.

Нуркачот Вернон Унсворт рече дека размислува за тужба, а акциите на компанијата на Маск „Тесла“ паднаа за 3,01 отсто во Њујорк.

Минатата недела, да потсетиме, успешно беа извлечени 12 момчиња и нивниот тренер, при што не беше имплементиран предлогот на Маск децата да се извлечат со помош на мала подморница. Ансворт обидот за помош на Маск го окарактеризира како самопромоција и рече дека неговата идеја едноставно не би функционирала во оваа пештера. Маск возврати во неделата на Твитер порачувајќи дека ќе докаже дека неговата подморница може да пројде до петтата просторија од пештерата, а Ансворт индиректно го нарече педофил користејќи го изразот „педо геј“.
„Жал ми е педо геј, но навистина си го бараше“, му порача Маск во твитот. Откако еден корисник истакна дека Маск го нарекува педофил човекот кој ги пронајде децата, Маск не се повлече туку твитна: „Се обложувам во потпишан долар дека тоа е вистина.“ На крајот двата твита беа избришани.

Маск се најде на удар на критиките поради користењето на Твитер, каде што го следат 22,3 милиони корисници, за клевета на нуркачот кој беше еден од најважните во целата акција на спасувањето.
Ансворт за „Гардијан“ пред два дена изјави дека е шокиран и многу бесен поради нападот за кој Маск не понудил никаков доказ.

– Верувам дека ме нарече педофил. Мислам дека луѓето сфаќаат каков тип е Маск – рекол Ансворт, кој на прашањето дали размислува за тужба одговорил потврдно: „Да, ова не е готово. Имам голема поддршка од луѓето ширум светот кои се шокирани од неговите неосновани коментари. Не го познавам тој тип, никогаш не сум го запознал и не сакам да го запознаам“, порачал нуркачот.

Ансворт (63), кој живее во Тајланд, беше еден од првите нуркачи на местото на настанот, а спасувачите велат дека неговото познавање на составот на пештерата било клучно во пронаоѓањето на децата десет дена откако исчезнаа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top