| четврток, 6 декември 2018 |

Геостратегиски потези во Југоисточна Европа или: Дали се подготвуваме за нова европска криза?!

 Проф. д-р Иванка Д. Василевска

Во втората половина од деветнаесеттиот век, големиот политички стратег Ото фон Бизмарк констатирал дека „оној кој ја поседува Вардарската Долина, тој е господар на Балканот“! Но, исто така, тој го дополнил макијавелистичкиот модел на владеење во политиката и рекол дека „доколку од некого не можете да направите свој пријател, тогаш единственото нешто што ви преостанува е комплетно да го уништите“!

Доколку ги следиме параметрите на големиот Бизмарк, погледнато од денешна призма, несомнено е дека тој бил во право и за едната и за другата констатација. Силниот продор на Соросовите и други финансиски инјекции со слична провиненција, прекршувањето на меѓународниот правен поредок, изолирањето на „непослушните“ политички лидерства, инсталирањето на дресирани политички марионети, игнорирањето на волјата на граѓаните, непринципиелните политичко-дипломатски маневри итн., итн… Списокот е долг и насекаде истиот впечаток, младите заминуваат, економиите се под постојан притисок од инфлации, од време на време, локални кризи како рефлексија на Студената војна, редефинирање на говорот на омраза, без реска линија на правото на слобода на изразување, политички спинови и многу силно режирана пропаганда. Сума сумарум, од буре барут, несомнено е дека Балканот стана вистински циркуски ансамбл, во кој се одигрува централната акробатска точка, која за окото на немиот посетител е невозможно да биде апсорбирана и доживеана во целост. Останува само сензибилитетот и просекот на концентрација, со која секој поединечно ги понесува впечатоците од аудиовизуелните дразби, без конечна одлучност за севкупниот впечаток.

И тука несомнено доаѓа клучното прашање: Која е целта на европската политика кон државите кои транзитираат кон европската интеграција? Потезите на Унијата од самиот почеток на годинава покажуваат визибилност и некаква магловита заинтересираност. Тоа можевме да го забележиме уште во февруари преку промовирањето на т.н. Балканска стратегија од страната на европската комисија. Според овој план, општата констатација е дека доколку комисијата е сериозна во тоа што го претстави, тогаш Македонија, Србија и Црна Гора уште во 2015 година, требаа да бидат членки на унијата. Потоа следуваше мајскиот евро самит во Софија, на кој и онака малите надежи на балканските држави беа удавени во тврдата изјава на францускиот претседател Емануел Макрон, според кој: „Нема проширување на унијата, без претходно да се извршат длабоки реформи во самата Европска унија“!

Пред неколку дена во Велика Британија се одржа самитот на шесте држави од Западен Балкан и клучните политички стожери на Европската унија. Би било трагично, доколку не е ироничен фактот што токму една од големите држави која неповратно ја напушта унијата, да ги подготвува или охрабрува Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Косово за влез во европското семејство?! Или како што би се рекло народски: „овде некој меѓу нас не е наш“!

Она што не може да се засени се фактите кои ни говорат не во прилог на искреноста во намерите на Европа за обединување со балканите држави, туку повеќе за стравот од се поверојатниот нов бран на бегалци. Затворањето на балканската рута, која е ремек-дело во државничка смисла на македонскиот претседател Горѓе Иванов, денес е повторно тема низ европските ходници, а барањето на начин истата да биде повторно активирана, од ден за ден станува сè поочигледно.

На Балканот му е неопходна искрената поддршка од Европа, неизбалансираноста во јасните параметрии и немањето на визија од страна на евро бирократите, дополнително ја зголемува агонијата на малите балкански држави. Сето ова го става на тест целиот меѓународен поредок и го избиструва следното клучно прашање: „Кои се вистинските намери на ЕУ“? Одговорот до сега нема!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top