| четврток, 6 декември 2018 |

Спасовски: За третиот напаѓач на Саздовски веќе имаме конкретни сознанија

Не мислам да водам истрага преку медиуми, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новинарско прашање дали МВР има сознание и ќе покрене истрага во врска со изјавата на премиерот Заев дека проруски бизнисмени од Грција плаќале за насилство во пресрет на референдумот.

– Што било да имаме и какви било информации да имаме што се однесуваат на сензитивни прашања, ниту ќе можеме, ниту смееме, ниту, пак, е потребно тоа да го водиме преку медиумите и како истрага да ја спроведуваме преку медиумите. Треба да знаете дека во секој момент кога ќе имаме што било да соопштиме, што е во фаза на можност да биде соопштено, тоа ќе го направиме, рече Спасовски.

Запрашан дали МВР го пронашло третиот напаѓач на Саздовски кој беше претепан до смрт и дали е пронајдено возилото „мерцедес“ од кое излегле напаѓачите, министерот Спасовски посочи дека возилото и идентитетот на двајца од напаѓачите е утврден уште истиот ден.

– За третиот напаѓач веќе имаме конкретни сознанија и очекуваме многу скоро тоа да се случи, рече Спасовски и појасни дека кога ќе имаат можност да го обезбедат ќе го обезбедат и ќе информираат за тоа.

Во врска со обвинувањата од опозицијата дека градот не е безбеден, Спасовски рече дека фактите говорат друго.

– Во однос на тоа што кажува опозицијата апсолутно јас не можам да ја градам стратегијата како треба да работиме. Фактите покажуваат дека нивото на криминалитетот е опаднато драстично од тоа време кога тие ја водеа државата. Второ, откривачката дејност на полицијата е исто така многукратно зголемена со поднесување и расветлување на кривични дела и кривични пријави. Јас се обидувам да имаме стратешки пристап кон зголемување на безбедноста и во Скопје и во Република Македонија, рече Спасовски кој денеска присуствуваше на трибина посветена на заштитата и чувањето на шумите во Центарот за обука во Идризово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top