| четврток, 6 декември 2018 |

На „Охридско лето“ изложбата на фотографии „Од уметничкиот пат на Георги Божиков“

Годинешното „Охридско лето“ нуди изложба на фотографии на оперскиот пејач Георги Божиков, по повод 50-годишнината од неговиот прв рецитал на Фестивалот.

Бас-гласот на Георги Божиков, инаку роден во Петрич 1931 година, претставува еден од клучните духовни двигатели на македонската музичка култура, во 32-те години што уметникот ги проживеа во Македонија, од 1964 до 1986 година.

За уметничкиот израз на певецот Божиков критиката вели дека секогаш бил врвно професионален, сеопфатно креативен и сугестивен, неповторливо свој и единствен.

Гоце Делчев во Илинден

Божиков во својата уметничка кариера остави белег со 27-те оперски улоги во изведба на Операта при Македонскиот народен театар, но и на значајни европски сцени. Тој беше препознатлив со неговите солистички партии во ораториуми и кантати во стилски распон од барокот до денешнината, со концертно изведените соло-песни – бисери на светската вокална литература или бројните изведби и праизведби на дела од македонски композитори.

Големиот вокален уметник Божиков го задолжи Фестивалот „Охридско лето“ со 16 свои настапи. За неговата концертна вечер во рамки на „Охридско лето“ одржана на 2 август 1982 година во критичкиот осврт објавен во „Нова Македонија“ пишуваше дека тоа била вечер на ретко видени аплаузи.

Дулкамара во „Љубовен напиток“

„По секоја творба од Скаловски, Рахмањинов,Чајковски, Мусоргски…штом стивнеше длабокиот глас на Божиков, одекнуваа силни ракоплескања. Меѓутоа, она што се доживеа при изведбата на композицијата ,,Смртта на Гоце“ од Трајко Прокопиев – тоа нема бргу да се заборави. Ова дело, компонирано на стихови на Гане Тодоровски, првиот човек на вечерта, на многубројните посетители им го предаде мошне чувствително, со сета силина на својата уметничка душа. Спонтани изливи на воодушевување… Од публиката неколкукратно се слушна: ,,Браво, Жоро!“… „Света Софија“ изгледаше празнично….“, пишуваше тогаш „Нова Македонија“.

Цар Самоил во „Цар Самоил“

Изложбената поставка посветена на Божиков е поставена во Дирекцијата на „Охридско лето“, а свеченото отворање е предвидено за од 21 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top