| четврток, 6 декември 2018 |

Почна 45. Галичка свадба

Со поставување на свадбарското знаме денеска во преубавиот амбиент на селото Галичник на Бистра планина почна 45. издание на Галичката свадба, една од најспектакуларните културни манифестации во земјата.

Младенци на годинашната манифестација се Тања Лепческа, со потекло од Галичник и Златко Димовски. Тие се избрани во конкуренција од четири пара. Лепческа од својата петта година учестува на манифестацијата, а Димовски вели дека е подготвен и добро ги совладал обичаите карактеристични за Галичката свадба.

галичка свадба 2018 прес

Судбоносното „да“ младенците ќе го кажат утре во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“.

Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои што ќе се изведуваат за време на свадбарските денови. На манифестацијата учество ќе земат околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, КУД со околу 30 учесници, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе.

Месната заедница „Галичник“ е организатор на манифестацијата, а покровител годинава е премиерот Зоран Заев кој утре ќе им се обрати на присутните гости. Во Галичник ќе присуствуваат и вицепремиерите и министри за внатрешни работи и за одбрана, Оливер Спасовски и Радмила Шеќеринска, министрите за култура, за комуникации, отчетност и транспарентност и за дијаспора, Асаф Адеми, Роберт Поповски и Едмонд Адеми, заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески и Националниот координатор за развој на културата Роберт Алаѓозовски.

Галичката свадба од Агенцијата за поддршка на туризмот беше прогласена за најуспешна туристичка манифестација за минатата година, а од Њујорк Тајмс и Нешнл Џиографик за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.

Синоќа, на платото пред чешмата Упија во Галичник се одржа концерт на Влатко Стефановски, оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова и групите „Тоа е тоа“ и „Бенд офф“, со што започна Галичкото културно лето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top