| четврток, 6 декември 2018 |

Заев: Идната недела доаѓа Хан и почнува скрининг процесот

Следната недела со доаѓањето на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан почнува скрининг процесот, истакна вечерва премиерот Зоран Заев пред граѓанските организации со кои имаше консултативна средба во Владата.

„Целта е на владина сесија да ги отвориме процесите, а тоа значи дека час поскоро треба да ја подготвиме државата и со преговарачката рамка и со преговарачките тимови за процесот за којшто е многу важно колкав период од времето ќе трошиме“, рече Заев.

Додаде дека од 33-те поглавја за Македонија, ќе треба да има и 33 работни групи во кои ќе треба да се вклучат претставници и од институците и од граѓанскиот сектор.

Во однос на референдумот уште еднаш изрази уверување дека тој ќе биде успешен и оти идната недела ќе се прецизираат прашањата околу тоа кога ќе биде референдумот, дали тој ќе биде обврзувачки или консултативен и како ќе биде формулирано референдумското прашање. Најави дека ќе побара опозицијата и сите политички чинители да ги расчисат своите позиции во делот на референдумот.

Премиерот порача дека државата има потреба од граѓанскиот сектор кој има капацитет да се вклучи во сите процеси важни за државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top