| четврток, 6 декември 2018 |

Трамп: Меј го уништи Брегзит, Џонсон би бил добар премиер

Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини британската премиерка Тереза Меј дека го „уништила Брегзит“ и додаде дека секој нејзин обид да задржи блиски односи со Европската унија ги намалува шансите за профитабилен трговски договор со САД.

– Ако склучат таков договор (со Унијата), тогаш ние ќе работиме со ЕУ наместо да работиме со Британија, така што тоа веројатно би го уништило договорот, рече Трамп во интервју за британски „Сан“.

Тој тврди дека Меј го игнорирала неговиот совет определувајќи се за стратегијата на „мек Брегзит“.

На прашањето дали навистина британската премиерка ја нарекол „наставничка која сака да наредува“, Трамп рече дека тоа е „лажна вест„ на „Вашингтон пост“.

Тој исто така рече дека поранешниот министер за надворешни работи Борис Џонсон, кој даде оставка поради „мекиот Брегзит“, би бил „одличен премиер“.

– Тој е многу талентиран, многу ми се допаѓа. Мислам дека би бил одличен премиер, мислам дека го има она што е потребно, истакна американскиот претседател.

Од друга страна Меј пак со нетрпение чека да му го презентира на Трамп планот кој тој го критикуваше.

-Британската премиерка Тереза ​​Меј со нетрпение очекува да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп за да му ја објасни преговарачката позиција на нејзината земја за Брегзит, изјави нејзиниот портпарол.

Белата книга, која вчера беше презентирана по долго одложување, на 98 страници го претставува планот на Велика Британија за идниот однос со Европската унија, откако ќе излезе од неа.

Основните принципи во документот беа одобрени на состанокот на британската Влада на 6 јули. Двајца клучни членови на Кабинетот – министерот за надворешни работи Борис Џонсон, и министерот за Брегзит Дејвид Дејвис, поднесоа оставка поради тоа што сметаат дека овој план предвидува премногу отстапки во однос на Брисел и е во спротивност со волјата на мнозинството Британци која беше изразена на референдумот во 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top