| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинителството бара притвор за градоначалникот на Ново Село

Јавното обвинителство од Струмица побара притвор за градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев и за уште три други лица, членови на неговото потесно семејство со коишто тој синоќа беше фатен во шверц на цигари. За петтото лице поради здравствени причини е предложена мерка на претпазливост, одземање на патна исправа, забрана за напуштање на место на живеење и обврска за  повремено пријавување во суд.

Неофицијално, оваа мерка е побарана за сопругата на градоначалникот. Петчлената група на чело со градоначалникот беше уапсена синоќа кај селото Бадилен, откако на див граничен премин од Бугарија со две возила нелегално внеле на македонска територија околу 3300 штеки цигари, во вредност од околу 3.200 000 денари.

Инцидентот се случувал далеку од очите на јавноста. Во селото Бадилен каде по последниот попис од 2002 година имало само тројца жители.

Во Ново Село утрово беше тивко. Дел од граѓаните неинформирани, некои во неверување. Но, имаше и такви кои побараа законите да важат за сите.

Градоначалникот Стојчев и останатите приведени се соочуваат со кривично дело кое според кривичниот законик се казнува со казна затвор од шест месеци до пет години.

Осомничениот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев на функцијата е нецела година. Дојде од приватниот сектор и ветуваше запирање на миграцијата и подобра економија за општината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top